Секој граѓанин да пријави било каков вид на дискриминација советува Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
Дискриминацијата е повреда на основото човечко право да биде еднакво во сите сфери во животот и таа е многу честа појава ,затоа, kомисијата за спречување и заштита од дискриминација, денеска, Младински парк, ги информираше велешани за своите права. Весна Бендевска, член на Комисија за спречување и заштита од дискриминација рече дека согласно претставките коишто ги работат најчеста појава на дискриминација којашто се пријавува е според род, пол, етничка припадност, личен и општествен статус.
– Со овие настани и посети по речиси сите градови низ Македонија се обидуваме да стигнеме до што поголем број граѓани за да им кажеме дека ние сме телото кое може да пружи превенција и заштита од дискриминација. Секое лице коешто ќе се почуствува дискриминирано може да поднесе претставка за да ги застапуваме неговите или нејзините права. Дискриминацијата се случува по сите основи коишто се наведени во законот, законот е од отворен тип што значи дека не постои основа врз којашто не може некој граѓанин или граѓанка да биде дискриминирана. Сепак најчесто, согласно претставките коишто ги работиме најчеста појава е според род, пол, етничка припадност, личен и општествен статус, додаде Бендевска.
Исмаил Камбери заменик претседател на комисијата за спречување и заштита од дискриминација, вели дека во направените два квартали, граѓаните најчесто пријавуваат дискриминација во областа на работата и работните односи и вознемирување како облик на дискриминација на социјалните мрежи особено на фејсбук.
-Во последниот период бројот на претставки родово е балансиран и исто така имаме една третина од претставките коишто се поднесуваат од правни лица. Ние според нашиот закон имаме рок на одлучување од 60 дена. Значи, откако ја примаме претставката прво разгледуваме дали административно ги има потребните документи согласно нашиот закон а потоа ги разгледуваме наводите на претставката. Доколку сметаме дека постои дискриминација тогаш се обраќаме кај потенцијален дискриминатор, за да видиме тие што имаат да кажат во однос на тоа. Доколку е потребно правиме и повеќе увиди на повеќе места, ако не е потребно, формираме мислење коешто го утврдуваме комисиски како комисија за дискриминација. Потоа со нашето мислење доколку утврдиме дека постои дискмиринација даваме препорака на дискриминаторот да ја отстрани дискриминацијата и таа има рок од 30 дена до 6 месеци. Доколку не ја изврши препораката, имаме право како комисија да поведеме прекршочна постапка во прекршочен суд кадешто казните за физички лица се од 50 до 150 евра а за правните лица се повисоки, додаде Камбери.
Комисијата е лоцирана во Скопје на улица „Даме Груев“ 1.
Оваа кампања со поддршка на комисијата од ОБСЕ Скопје има поминато низ повеќе градови во Македонија поточно Битола, Куманово, Охрид, Струмица. Во наредниот период ќе посетуваат и други градови со цел да се охрабрат граѓаните да пријавуваат секаков вид на дискриминација.
Стефани Манева