Штрајк на вработните во „Колска“: Денеска во фабриката а вo четврток со блокада на сообраќајот на Железничка станица Велес (ФОТО)
Имаат обезбедено работа, работат а не земаат плата 87 работници на велешката „Колска“ . Тие од пред десет дена се и без здравствено осигурување, во пандемија на „Ковид-19“. Ги поправија и обновија четирите цистерни на „Оилко“ и четирите товарни коли на Македонски железници – транспорт па прогласија штрајк. Од утрово се на влезната капија на единствената фабрика за шински возила во државата организирани од фабричката синдикална организација на ССМ.
-Бараме цела плата за месец септември и во услови на пандемија на ковид-19 ни треба здравствено осигурување. Тие се двете најголеми причини за штрајкот. Три месеци бевме на принуден одмор, на 70 отсто плата, што како период некако и го поминавме. Сега имаме работа, со обезбедени 20 цистерни на „Оилко“, два патнички вагони и 10 товарни коли на МЖ – транспорт. Но имаме и блокирана сметка од УЈП со месечно побарување од 1.700.000 денари на име на заостанат долг надвор од редовното ДДВ побарување, рече Тони Арсовски претседател на синдикалната организација.
Дел од работниците на работа доаѓаат болни. Еден од нив е Васил Златанов кој со штаки, поради оштетен колк, едвај се движи. Работи, не зема плата и неможе иако треба да се оперира.
-На 41 година од работата во фабрикава секое утро синот со автомобил ме носи а колегите ми помагаат дома да се вратам. Што да ви кажам. На магнетна резонанса треба да одам на 28 декември а немам здравствено осигурување. Лекарите ги чекаат резултатите од магнетна за да ми закажат термин за операција. Немам здравствено осигурување. За приватна клиника не ни размислувам од каде пари, рече Златанов.
И Петре Урумов работи иако преживеал инфаркт. Нема пари за лекови а има потреба и од редовни прегледи..
-Пет пати одложувам контроли во Велес и во Скопје поради не платениот придонес за здравство. Не ме примаат а имам потреба. Загрозено е моето здравје, додаде Урумов.
Овие работници немаат ни услови ниту безбедност при работата што ја вршат. Фабричките погони на „Колска“ се без греење и во дел од нив преку покривот тече вода . Така се создадени вирови на цементниот под врз кој поминуваат електричните кабли.
Управителот, Митко Јанков во писмен став соопшти дека фабриката постојано од 2015 година има проблеми со недостиг на работа и со блокираната жиро сметка.
„Подолго време сме блокирани од УЈП поради неплатен долг. Досега работевме по многу ниски цени на норма час поради што се судривме со проблемот на нередовно извршување на обврските кон УЈП. Со поддршка на владата, како сопственик на фабриката, корегирана е цената на извршена ревизија на вагони со што сметаме дека ќе можеме да ги плаќаме тековните и дел од останатиот долг кон УЈП. Сметаме дека во интерес на државата и на вработените е да продолжиме со работа во спротивно фабриката ќе се затвори додека ревизијата на сите железнички превозни средства ќе треба да се врши надвор од државата,“ пишува Јанков.
Месечно на „Колска“ и се потребни 2,5 милиони денари да подели плата со придонеси. Тоа успева да го оствари но, не и дополнителните 1.700.000 денари за да враќа стари побарувања кон УЈП. Потребни се и дополнителни средства за да се купи огрев за ќумбињата на дрва во погоните, за струја, за вода, за репроматеријали. Проценките на стручните лица се дека „Колска“, како државна фабрика, без помош од еден милион евра нема да закрепне. Толку изнесувал вкупниот заостанат долг кон Управата за јавни приходи која постојано ја блокира сметката на оваа државна фабрика.
Затоа работниците се решени ако денеска не земат плата, во четврток, на 9 декември, штрајкот да го преселат на Железничка станица Велес. Блокадата на железничкиот сообраќај им останала единствена надеж дека ќе ги слушне владата и министерството за транспорт и врски.
Убавка Јаневска