Смилев: Неминовно е покачување на цената на брашното
Сушата е причина за годинешниот неквалитетен род на пченица на македонските ниви. Родот не ги задоволува стандардите на мелничарите. Голем е бројот и на производители и на количини со пченица што наместо за производство на брашно одлучија да ја продадат за сточна храна. Македонија годинава ќе има потреба од увоз на поголеми количини како на пченица така и на брашно.
-Во моментов цената на пченицата во соседна Србија изнесува помеѓу 215 и 220 евра за тон. Јас увезувам брашно и сега до 15 септември имам цена што не е реална во споредба со цената на пченицата која изнесува 250 евра . На оваа цена на пченицата, брашното треба да чини најмалку од 280 до 290 евра. Неминовно е покачувањето на цената на брашното, рече Румен Смилев сопственик на „Малина“ и поранешен претседател на мелничарите.
Правејќи споредба со периодот 2000 – 2003 година кога Македонија трошела по 280.000 тони пченица со последниве години кога е по развина кондиторска индустрија Смилев смета дека потрошувачката е зголемена за 5% до 10%. Од оваа вкупна количина на пченицата 23% се наменети за производство на трици додека 77% за брашно.
„Малина“ Велес е застапник на брашното на „Жито продукт“ што го произведуваат трите најголеми млина во Србија. И тие не ја откупувале сета понудена количина на пченица туку квалитетната за којашто плаќале по висока цена.
Убавка Јаневска