Со пола милион евра до најсовремени услови за образование на машинците во ССОУ„Коле Неделковски“

Објавено на 11 февруари, 2022 во 18:37
Фото: Кабинетско практично образование на учениците

Комплетно ќе се реконструира машинска работилница, од под до таван, ќе добие нова електрична инсталација, подна подлога и ќе се прегради за во неа да се постават нови машини како што е CNC-то но и уште три други софистирани со цел да се усоврши практичната настава на  образовниот профил машински техничар во ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес. Училиштето од добиентиот грант на регионалниот „Челинџ фонд“ за Западен Балкан, за кој конкурираше лани во второ полугодие, со вкупна вредност од 500.000 евра, за оваа намена проектираше и ќе инвестира околу 320.000 евра. Тоа е проект со највисок износ на финансиски средства што досега го добило ова средно велешко училиште кое аплицираше во конзорциум со социјалните партнери поточно фирмите „Брако“, „Маркард“ и „Ронтис“. Според директорката, Весна Стојанова Богоевска станува збор за проект кој освен што овозможува реновирање и опремување на училишната машинска работилница обезбедува квалитетно практично образование за учениците.

Фото: Машинската работилница што ќе се реконструира

-Ќе ги извадиме старите, постојни машини којшто се во машинската работилница, ќе ги смениме електричната инсталација и осветлување според потребите на новите машините, ќе се постави нова подна подлога и ќе ја предградиме работилницата за да добиеме четири посебни дела. Во секој дел ќе има посебен систем за загревање, вентилација и климатизација, бидејќи одредени машини бараат одредена температура. Ќе бидат набавени четири машини коишто се потребни за изведување на практичната настава според барањата на нашите социјални партнери. Ќе набавиме CNC машина вредна околу 90 000 евра и за неа ќе поставиме посебен степен на вентилација, за загревање и за температура за да може да фунцкионира. Потоа ќе бидат набавени репроматеријали и алати за да може учениците практично да работат како на CNC така и на останатите машини. Специјализирани обуки ќе посети наставниот кадар како и менторите коишто работат кај нашите социјални партнери, додаде Стојанова Богоевска.

Фото: Весна Стојанова Богоевска, директорка на ССОУ„Коле Неделковски“

Проектот на околу 200 ученици од машинската струка ќе им овозможи покрај образовна и подобра практична настава. Тие по завршувањето на средното образование ќе бидат оспособени за работа во фирмите кои имаат потреба од квалификувана работна рака.  

-Сметаме дека на овој начин со самото инвестирање во машинската работилица ги покажуваме нашите сериозни намери за подобрување на квалитетот на образованието во една од најбараните струки на пазарот на трудот. Во училишната машинска работилица практичната настава нема да ја изведуваат само техничар за производно машинство туку и другите профили од машинската струка како машински техничар, машинско енергетски техничар, автомеханичар, заварувач кои се образуваат во дуална паралелка што ја отворивме со  фирмите партнери „Брако“, „ Леов компани“ како и за учениците кои се во смеровите техничар за мехатроника, техничар за компјутерско управување како и машински техничар за моторни возила, додаде Стојанова Богоевска.

Фото: Ученици во реновирана и опремена со нов мебел училница

Со проектот се планирани средства и за потребите на заварувачкото одделение, коешто училиштето, веќе го има реновирано заедно со автомеханичарската работилница и просторот наречен гаражи. Во дополнитената едукација за работа со CNC машини, за заварување и за аргонско заварување преку специјализирани обуки ќе биде опфатен и  наставниот кадар што им предава на учениците во овие паралелки како и менторите коишто се вработени кај социјалните партнери.

Фото: Механичарска работилница во училиштето

Исто така, преку проекти, ова средно стручното училиште досега успеа да набави два софтвери за компјутерско дијагностицирање на дефекти на автомобили со цел учениците кои се образуваат во струката автомеханичари да бидат во чекор со напреднатата технологија. Професорите добија и 60 лаптопи за непречено реализирање на наставата. Кабинетите  располагаат со ЛЦД проектори и  телевизори како и бели интерактивни табли. По сменетата комплетна дограма, прозорците во еден дел на училиштето имаат нови завеси  и три училници се опремени со нов училишен мебел додека за потребите на наставната програма набавени се и 25 нови компјутери за предметите дизајн, веб дизајн и мулти медија. Станува збор за задоволување на потребите од настава на учениците од електро техничар за компјутерска техника и автоматика.

Фото: Ученици на настава во ССОУ„Коле Неделковски“

-Целосно ги реконструиравме и кабинетите во стариот дел на училиштето заедно со меѓу просторите и скалите во мессец август, минатата година, а го заменивме со лед сијалици и осветлувањето.Годинава ќе продолжиме и во новиот дел на училишниот објект. Училиштето ја реконструираше и водоводната линија и ги променивме сите 130 стари со ПВЦ прозори додека со целосната реконструкција на дворот добивме и втора пристапна рампа за потребите на учениците со телесна попреченост. За потребите на сите ученици ја подобривме состојбата на урбаната опрема. Исто така поставен е нов котел за топловодното греење и нов горилник со коишто е надминат секој проблем со затоплувањето на зградата. Но имаме и заштеда на нафта и се намалија износите на електична енергија, додаде Стојанова Богоевска. 

Фото: Кабинет на машинска струка во ССОУ„Коле Неделковски“

Сите овие проекти се реализирани лани, во период од месец февруари до октомври, со вкупно 10 милиони и 80 илјади денари обезбедени финансиски средства. Од овие пари реконструирани и преадаптирани во училници се и три подрумски простории  за да се задоволи потребата од простор за бројот на ученици кои од година во година е се поброен.

Фото: Училишен двор на ССОУ„Коле Неделковски“

Во училиштето и во моментов се изведуваат градежни работи за преадаптација на простор за потребите на ученичката заедница, за вонредните ученици како и простор за чување на ИТ опрема.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.