ССМ ги охрабрува работниците во Велес на синдикално организирање за да се спречат злоупотребите како во „Оил пак“
Работничките на „Оил пак“ коишто последни имаа потреба од синдикална помош пред божиќните празници не успеале да стапат во контакт со лица во Општинаската организација на ССМ во Велес. Откако тие во два наврати се обиделе и наишле еднаш на затворена влезна а потоа и на вратата на вторниот кат во популарно наречената синдикална зграда, во центарот на Велес, денеска Дума.мк побара од Сојузот на синдикати на Македонија одговор на новинарските прашања дали, кога и како работи ОО на ССМ во градот.
Слободан Трендафилов, шеф на кабинетот на претседателот на ССМ, Дарко Димовски ни одговори дека иако во Општинската организација во Велес немало професионално ангажиран секретар и стручна служба сепак таа функционирала секој работен ден со дипломирани правници коишто волонтирале. Тие работеле на овој начин во последните два до три месеци. Правната помош и заштита за потребите на работниците не е прекината, тврдеше Трендафилов.
-Иако, за случајот со работничките на „Олив пак“ дознавме на интернет и од медиумите,ССМ во редовната комуникација го информирал Државниот инспекторат за труд за случајот „Олив пак“ во Велес. Ќе соопштам дека извршени се вонредни инспекциски надзори кај работодавачот, а дел од неправионостите веќе се и исправени од страна на истиот. Сојузот на синдикатите на Македонија, за жал, од страна на работничките од „Олив пак“ во Велес чиј случај во изминатиот период е актуелен, не беше контактиран. Иако работничките не се членови на ССМ за да можеме навремено да бидеме информирани за проблемите со кои се соочувале и да преземеме соодветни активности за спречување на евентуални прекршувања на Законите на штета на работниците ние постапивме, рече Трендафилов.
Тој нагласи дека најчесто ваквите прекршувања на работничките права се случуваат во компании во кои работниците не се синдикално организирани. Трендафилов упати апел до сите работници во Велес дека ССМ многу полесно ќе може да ги заштити во постапките за зачувување на работните места, исплата на редовна плата и додатоци на плата, регрес за годишен одмор и слично, доколку формираат синдикални основни организации во компаниите или претпријатијата каде што се вработени.
На територијата на Општина Велес има 50 основни синдикални организации. Најголем број од нив се во јавните локални установи додека помал е бројот во приватните компании или претпријатија. Од ССМ ги охрабруваат работниците синдикално да се здружат, во што поголем број, независно каде работат. За поедноставен пристап до бесплатната правна заштита на работниците овозможено им е тие преку телефонски и електронски пат да ги упатуваат своите пријави, жалби, барања и слично. И тоа на телефонскиот број 070 818 878 како и на мејлот: [email protected] по што вработени во ССМ во најкраток рок ќе постапат по истите.
-Истовремено воведена е и прва бесплатна мобилна апликација ССМ – мои работнички права која на работниците и граѓаните им овозможува преку користење на своите мобилни телефони да пријават прекршување на работничките права до Сојузот на синдикатите на Македонија. Апликацијата нуди можност за пријавување на прекршено право за себе и за друго лице, анонимно пријавување, директна комуникација со претставници на ССМ, следење на вести и совети од ССМ. Исто така канцеларијата на ССМ во Велес функционира секој ден од 07:30 до 15:30 часот, а нашата колешка од канцеларијата, Елефтерија Ајтова, работниците можат да ја контактираат и на телефон 071/ 320 015, додаде Трендафилов.
Во Велес синдикално здружување на работници има во текстилната, во кожарската и во градежната гранка, во судот, во полицијата, во здравството и во администрацијата.
Убавка Јаневска