Две ипол децении граѓански активизам на Организацијата на жени во Свети Николе
Статистиката покажа дека жените во Свети Николе најмногу заболуваат од рак на дојка. Оваа информација ги поттикна активистките на Организацијата на жени од овој град да превземат активности за набавка на медицинскиот апарат мамограф. Работеа посветено, упорно, стручно и пожртвувано на својата иницијатива и на уште неколку други полиња од општественото живеење во локалната заедница. Тоа не остана не забележано бидејќи токму новинарите од источниот регион на државата преку регионалниот центар „Исток“, дел од Здружението на новинари на Македонија, лани во месец мај им додели признание за најуспешна организација.
Изминатата година несомнено е најуспешната од досегашната работа на ова граѓанско здружение. Тоа го прослави својот две ипол децениски јубилеј и со плакета за долгогодишна поддршка и разбирање во реализирање на заеднички активности со Отворена Порта – Ла Страда од Скопје, во борбата против трговија со луѓе, промовирање на човековите права и застапување на интересите и потребите на лицата кои се под ризик или претрпеле насилство и трговија со луѓе.
„ Низата од награди на Организацијата, за својата дваесет и пет годишна успешна работа, се збогати со уште едно признание и плакета за лауреат. На 19ти Декември 2015 година по повод патронот на градот „Св.Никола“, Градоначалникот на општина Свети Николе заедно со Советот на општина Свети Николе ни доделија плакета „Св.Николај“, за посебен придонес во развој на здравствената програма на локално и национално ниво,“ рече Рахела Симонова Манева
Во изминатите дваесет и пет години оваа организација со активистките и волонтерите реализираше над 85 проекти, здравствена програма што опфати над 130 000 жени, програма за човекови права која им даде поддршка на над 18 000 жени, деца и млади, и посебна програма за деца и млади која опфати над 5700 учесници од целава земја./У.Ј
.