Тече огласот за распределба на 29 станови во новата социјална зграда во Велес, засега одзивот не е голем (Фото и видео)
Дваесеттина заинтересирани велешани до денеска поднеле документи за добивање на стан во новата Социјална зграда на улица „Раштански пат“ бр.20 во Велес. Одзивот не е голем. Крајниот рок за конкурирање завршува на 21 октомври, годинава и сеуште има време за собирање на потребната документација и за конкурирање. Генералниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор Марјан Стефановски денеска при обиколката на зградата соопшти дека станува збор за објект за колективно домување кои се изгради со финансиски средства обезбедени од банка при Совет на Европа. Станува збор за проект што трае во изминатата деценија и од кој изградени се 22. Последна е зградата во Велес а во изградба се уште две згради додека планирани за изградба се уште две во државата.
-Становите, вкупно 29, се со површина од 40 до 50 м2, и се опремени за нормално функционирање во нив за потребите на корисниците, додаде Стефановски.
Директорот упати покана до заинтересираните велешани да ги достават потребните документи во законскиот рок.
Градоначалникот Марко Колев вети транспарентна постапка за распределба на социјалните станови.
-Општина Велес во ставањето во функција на зградата вложи сериозна сума на финансиски средства во обезбедувањето на вода. Колективниот објект за домување вода доби со приклучок од улица „Луј Пастер“, рече Колев.
Градоначалникот додаде дека асфалтирањето на улицата „Раштански пат“ сепак ќе се одложи за вгодина затоа што според востановената динамика на работа нема да можело да се работи во зимски услови.
Новата социјална зграда државата ја чини 54 милиони денари.
Министерот за транспорт Александар Николоски вети дека лично ќего набљудувал процесот на распределбата на становите со цел да обезбедел транспарантност на постапката.
-Се надевам дека 29 граѓани на Велес ќе си ја најдат среќата во неа поточно обезбеден кров над глава и посреќни денови во годините коишто се пред нив. Би сакал да ги мотивирам сите коишто исполнуваат услови да конкурираат и во една транспарентна постапка да ги поделиме становите. Се надевам за некој месец повторно ќе можеме да дојдеме тука и да ги видиме граѓаните кои ќе живеат во становите,“ рече Николоски.
Можност да добијат стан во оваа социјална зграда имаат ранливите категории на граѓани како што се деца без родители или родителска грижа коишто имаат наполнето 18 години и претходно биле згрижени во домови или во родителски семејства како и деца без родители, но исто така и корисници на правото на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни односно природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, потоа лица припадници на ромската заедница коишто се социјално загрозени и самохрани родители со малолетни деца.
Сите заинтересирани потребно е документите да ги поднесат во Центар за социјална работа Велес чиишто вработени Елена Цветкова, со контакт телефонскиот број 078/241-536 и Томислав Илиевски, со контакт телефон 078/611-641 треба да даваат информациите и да им помогнат околу комплетирањето на документите.
Убавка Јаневска