Ученици реставрираа стари инструменти кои ќе ги користат на музички концерт во Велес (фото)
Триесет и пет ученици од сите основни и средни училишта во Велес, вчера, беа дел од работилница на којашто реставрираа стари музички инструменти. Во просторијата на Младински центар Велес, распоредени во три групи, со помош на професор од ОМУ „Стефан Гајдов“ тие менуваа жици на стари гитари и мандолини. Сите заинтересирани, внимателно ги слушаа инструкциите од професорот и успешно ги заменија жиците на сите инструменти.
Младинскиот работник во Младински центар Велес, Ивана Јордева, рече дека е голема заинтересираноста на младите во градот кога станува збор за музиката.
-Драго ми е што со наша иницијатива, го добивме проектот од Младите можат преку учеството на Social day, преку кој талентираните млади конечно ќе добијат простор кадешто ќе можат да вежбаат, создаваат композиции, и ќе започнат да ја создаваат својата уметничка-музичка приказна. Со работилницата за реставрација, ги реставриравме старите инструменти кои ни беа дадени од ООУ „Блаже Конески“, со помош на професор од Општинското музичко училиште „Стефан Гајдов“, кои на младите учесници им го објасни прво теоретски,а потоа и практично целиот начин на реставрација, додаде Јордева.
Здружението на граѓани „Младите можат“ е организација која 13 години е посветена на работа со млади. Координаторот за членство во ЗГ „Младите можат“ Филип Ивковски рече дека годинава бил креиран фонд кој поддржал две младински иницијативи меѓу кои и „Млади распеани велешани“.
-Сето ова има за цел да придонесе кон унапредување на културниот живот меѓу младите во Велес преку креирање на музичко катче во рамки на новоотворениот Младински центар. Тимот на млади ентузијасти учествуваше на целодневен Хакатон на кој ја претставија идејата пред стручна комисија и ја добија поддршката за имплементација на истата. Како организација остануваме посветени на креирање активности и програми базирани на потребите на младите, водени од нив и со крајна цел да бидеме активни чинители во градење на проактивни млади кои ќе бидат носители на промени во нивните заедници, додаде Ивковски.
Гитарите и мандолините коишто вчера беа реставрирани ќе бидат искористени заедно со ново набавените музички инструменти на завршен настан, мал музички концерт, кој ќе се одржи на 7 април во Младински центар со што и официјално ќе биде отворено музичкото културно катче во него.
Стефани Манева