Утре ќе се асфалтираат улиците во центарот на градот, улицата „8ми Септември“ ќе биде двосмерна
Општина Велес соопшти дека утре, на 13 јули, сабота ќе започнат градежни работи за асфалтирање со завршен слој на улиците „Гоце Делчев“ и „Страшо Пинџур“ во центарот на градот. Улиците ќе бидат затворени за сообраќај освен за градежната механизација којашто ќе се користи при изведување на градежните работи.
-Сообраќајот ќе се пренасочи по улица „8ми Септември“, која ќе се користи за сообраќај во двата правци. Ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација согласно проект за времен режим на сообраќај одобрен од страна на МВР- СВР Велес, објаснуваат од Општина Велес.
Оттаму ги замолуваат сите граѓани да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да покажат трпение и разбирање во периодот на изведување на градежните работи со цел да се овозможи непречено и квалитетно изведување на работите.
Исто така од локалната самоуправа додаваат дека е започната и реконструкција на улицата „Алексо Демниевски Бауман“, каде во текот на вчерашниот ден градежните машини вршеле гребење на стариот асфалт за што е предвидено реконструкција на потегот од пошта до семафори, вклучително и раскрсницата кај семафорите.
-Воедно на улицата ќе бидат изведени и дополнителни сливници за собирање на атмосферските води со што ќе се реши една од најкритичните точки во градот при обилни дождови, соопштија од Општина Велес.
Стефани Манева