Вака вчера вечер се одвиваше сообраќајот на товарни возила низ центарот на Велес (видео и фото)
Сообраќајот со товарни возила по улиците „8 Септември“, „Гоце Делчев“ и „Страшо Пинџур“ ,вчера вечер, се одвиваше без проблеми и беше постојано набљудуван од полициски службеници. Од 21:55 до 22:40 часот во строгиот центар на Велес и по спомнатите улици поминаа вкупно седум товарни возила, едно од нив имаше и приколка и превезуваше тули. Тоа товарно возило беше и најдолго а најверојатно и носеше најголем товар, според слободна новинарска проценка. Но товарот беше заштитен со прозирен најлон.
И останатите камиони имаа заштитни церади. Сепак коловозот на трите улици, поради магливата вечер во која како да паѓаше ситен дожд, беше влажен.
Додека екипата на Дума.мк, вчера вечер, беше на улиците, товарните возила не направија застој во сообраќајот. Првичниот впечаток е дека тие сообраќаа распоредени на околу седум до 10 минути за влегување во градот. Освен две товарни возила кои поминаа едно по друго сите останати сообраќаа едно по едно.
Имаше и граѓани кои заедно со новинарите ја набљудуваа состојбата со сообраќајот. Нивни најчесто поставувани прашања беа „По кои улици ќе се движат камионите кои превезуваат дробен камен од ридот Гроот?“ и „Како ќе се мери загадувањето со прашина и опасните ПМ 2,5 и ПМ 10 честички?“. Додека најчеста костатација на граѓаните беше „Коловозите и тротоарите на улиците мора секојдневно да се мијат“!
Дума.мк денеска испрати прашања на е-мајл до Општина Велес. Одговор не доби. Сепак дозна дека Советот на Општина Велес одржа вонредна седница на којашто изгласа и усвои Одлука за воведување на времен соображаен режим додека трае санацијата на мостот кај Башино Село. Одлуката прочитајте ја на следниот линк https://veles.gov.mk/nov-soobra-aen-rezhim/.
Убавка Јаневска