Проект: Универзитетски град на велешко „Младост“ !
Можна е изградба на универзитетски град на крајбрежјето на велешко езеро. Проектот е готов.
Локациите се избрани, се наоѓаат на двете страни на најсеверниот дел од крајбрежниот појас на Младост и се продваат. Универзитетскиот град е поделен на два дела, првиот со површина од 30 хектари, се наоѓа веднаш над постоечкиот објект на мотелот на поранешниот агрокомбинат „Лозар“ а вториот е од спротивната страна на езерото покрај автопатот Велес – Скопје. Таму, според проектот површината, на која можат да се градат објектите од комплексот, изнесува 41 хектар земја.
Локациите на велешко езеро ги посетија претставници на повеќе универзитети од Европа, Велика Британија и Северна Америка учесници на конференцијата во Скопје. На „Младост“ дојдоа заедно со министрите за странски инвестиции и за транспорт и врски, Виктор Мизо и Миле Јанакиевски. Нивен домаќин беше градоначалникот на Велес, Горан Петров.
„ Се работи за многу амбициозен проект во кој што беа вклучени повеќе универзитети од целиот свет, а тоа значи Македонија, односно Велес има шанса наскоро да биде седиште на еден таков образовен проект“, рече Петров.
Индиска делегација, учесник на конференцијата во Скопје, покажала интерес за инвестирање во Македонија. Индијците дојдоа и ја разгледаа локацијата на велешко езеро. Првично оставија впечаток дека се задоволни и покажаа интерес за инвестирање. Проектот Велес да прерасне во македонски и балкански универзитетски образовен центар беше позитивно оценет и од преставникот на делегацијата од Велика Британија, Мартин Лукет.
„Проектот е многу интересен, би сакал да се реализира и да се развие оваа зона. За нас е особено важно што ја имаме поддршката на централната и локалната власт на која сега останува обврската да ја обезбеди потребната инфраструктура и да овозможи реализација на проектот,“ рече Лукет