Неочекуван пресврт во случајот платено убиство во Ореше!
Мистериозен предлог има адвокатот на првообвинетиот во случајот за платеното убиство на старецот во велешкото село Ореше. Го слушнаа само судијата Илија Танев, кој го води случајот и обвинителот Ивица Ефремов бидејќи на денешниот главен претрес сите останати беа одстранети од судницата. Предлогот кој адвокатот Коста Нојков го има е поврзан со заштитениот сведок под псевдоним „Бреза“ и поради тоа јавноста не смее да го слуша, образложи судијата Танев кој не ги остави ниту останатите членови од судскиот совет да присуствуваат во судница. По ова тој наложи преку агенцијата за заштитени сведоци да се контактира со „Бреза“ и следното рочиште го закажа за 20 ти декември.
Според обвинението Ѓоре Петревски е првообвинет во овој случај затоа што додека живеел во САД го нарачал и платил убиството на соселанецот, седумдесет и пет годишниот Лазо Милошевски. Обвинети дека го извршиле убиството се браќата Ордан и Љубомир Ѓорѓиевски. Судскиот процес трае веќе долго време, сите сведоци се сослушани и доказите се разгледани. Како што рече адвокатот Нојков ситуацијата наложила тој последен да го предложи неочекуваното барање поврзано со „Бреза“.
Извори за дума.мк претпоставуваат дека на 20 – ти декември ќе има голем пресврт во судењето, но каков не откриваат.