„Да имаше во кашичкава барем едно ќофте“!
И сиромашните велешани имаа новогодишен ручек.
Топла каша со парчиња од исецкани виршли и четврт леб добија за новогодишен ручек сто и триесетте велешани кои секојдневно се хранат во црковно народната кујна. Откако ја ислушаа молитвата на свештеникот, овие сиромашни граѓани, се прекрстија и седнаа на трпезата. Полека сркаа од топлата каша и кинеа парчиња од лебот. Во топлата просторија го јадеа новогодишниот ручек. Тишината ја распара тивко изговорената реченица „ Барем да имаше едно ќофте, ама сполај му на Бога доволно е и ова“.
Со наведната глава, од својот оброк, се хранеше и Венцислав Јованов. Ја подигна главата штом го запрашавме вкусна ли е храната.
„Ова е топла чинија со храна која јас неможам да си ја купам. Затоа е добра и еве има во неа и месо. Добив и четврт леб а жените што ни спремиле се љубезни и ако побараш ќе ти дадат леб и репете. Тоа е, нема чаре. Кога човек ќе остане без работа, без семејство, без куќа друго нема. Работев во велешка фирма и тогаш се беше добро. Но, се се смени кога ме избркаа од работа. Сега ручав ама што ќе вечерам. Со социјална помош од 2 илјади денари што може да имам за нова година. Ништо,“ рече Јованов.
На трпезата спроти него од својот ручек се хранеше велешанецот Пеце Николов. Тој рече дека тука доаѓа откако жената му починала.Немаше многу што да ни раскаже освен дека нема постојана работа и преживува со тоа што аргатува или амалува онаму каде што ке го викнат за надница.
„Најчесто копам гробишта. Тоа е приватно и ако сум сам добивам 500 денари а ако викнам помошник си делиме по 250 денари. Тежок е животот без постојана работа. Кога ќе заработам дневница можам да си приуштам ручек и вечера ама еве кога никој не ме викнал, како денеска, доаѓам тука и ручам. Се грижам и за мајката на мојата почината сопруга. Таа дојде од Србија, од Чачак, за да живее со нас. Немам пари да извадам документи и нејзината пензија да доаѓа во Македонија а со тие пари ќе можеме некако да преживееме, комуналии да си платиме и леб да си купиме,“ рече Николов.
Ова се само две од вкупно сто и триесетте животни приказни што секојдневно можат да се слушнат во црковно народната кујна во Велес. Тие се човечки судбини што не секогаш сакаат да ги споделат овие сиромашни луѓе. Но, тие се благодарни на она што Повардарската епархија го прави за нив и што имаат дневно по еден топол оброк. На крајот ги замолија луѓето кои вечерва ќе имаат новогодишна трпеза во топол дом својата хуманост да ја покажат веќе утре и да даруваат кој што може и колку може. „Ако ни помогнат можеби за Божиќ и во нашата каша ќе има ќофте.И за возврат на нивната трпеза Бог нека дарува десетпати повеќе,“ рече Благој, најстариот велешанец и корисник на топол оброк во црковно народната кујна во Велес.