Бесплатни ЕКГ прегледи и мерење шеќер во неделата за борба со срцевите заболувања!
Црвениот крст годинава на терен со прегледи и предавања за превенција ќе ја одбележи светската недела посветена на кардиоваскуларните болести.
Во секоја матична ординација ќе се подели едукативно ЦД, ќе се извршуваат прегледи врз пациентите и предавања по селата. На овој начин велешкиот Црвен крст ќе ја одбележи неделата посветена на борбата против срцевите заболувања.
„Секоја матична ординација ќе добие ЦД со најновите податоци поврзани со срцевите заболувања до кои дошла СЗО. Ќе организираме и прегледи, но и предавања, а целта не ни е да ја преземеме функцијата на државата туку само да помогнеме“, вели Милчо Трајков, Црвен крст.
„Голем дел од пациентите се во заблуда за срцевите заболувања. Нас целта ни е да ги едуцираме што е штетно, а што корисно за нив и со тоа превентивно да делуваме врз нивното здравје“, рече Лилија Чолакова Дервишова, Здружение на приватни лекари.
Од годинава екипите не Црвениот крст се помногубројни и подмладени па активистите ќе го посетат речиси секое село каде ќе ги учат повозрасните, но и нивните врсници за опасноста од болестите на срцето.
„Ќе поделиме материјали за ризиците од заболувања, начин на исхрана, но и да укажеме дека мора редовно, навремено и правилно да се прегледуваат. Ние ништо не измислуваме, туку ќе го пренесеме само она што СЗО го поставила“, вели Атанас Ѓорѓиевски, член на секција против кардиоваскуларни заболувања.
“Предавањата ќе имаат интерактивен карактер и со нив сакаме да поттикнеме реакција особено кај пациентите кои не знаат како настануваат овие заболувања и се жртви на заблудите“, рече Горан Богатинов, член на секција против кардиоваскуларни заболувања.
Својата мисија активистите на Црвен крст ќе ја започнат од Градско и Богомила, но во наредните две недели таа ќе се спроведува и во останатите населени места околу Велес. Младите веќе се обучиле и за земање крв и ЕКГ прегледи, но се стручни и за врсничката едукација велат од хуманитарната организација. Од таму велат дека целата акција ќе чини повеќе од илјада евра, пари кои веќе дел од фирмите од градот започнале да ги донираат./Б.Н.