Нацрт закон за медиуми или НЕ закон?
Нацрт законот за медиуми го разгледуваа новинарите од кои најголем дел сметаат дека мора да претрпи многу измени бидејќи остава простор државата да се меша во работата на новинарите и да ги цензурира..
Нацрт закон за медиуми или не закон? Ова прашање го отворија новинарите и медиумските работници на трибината која ја организираше Здружението на новинари на Македонија, а на која се говореше за законот со кој власта има намера да го регулира медиумскиот бизнис. Според медиумскиот експерт Климе Бабунски делот кој се однесува на јавниот радиодифузен сервис и агенцијата за медиуми ја доведуваат во прашање независноста на МРТВ и регулаторот, па вели приказните се измешани до ниво на дилетантизам.
„Оние кои го пишувале овој закон најверојатно не знаат и не можат да разликуваат совет на МРТВ со програмски директор, многу се измешани нивните ингеренции па сметам дека ова е пример каков закон не треба да биде донесен“, рече Климе Бабунски, експерт
Регулатива е неопходна поради она што се случува во медиумската сфера, но прашање е дали делови од овој нацрт треба да се решаваат со закон или меѓу еснафот, вели новинарот Александар Дамовски.
„Делови од законот се добри, нема спорно во нив, но некои се со простор за да се променат, особено каде се зборува за слобода на мислењето и слобода на новинарството каде има некакви рестрикции и не се по европските стандарди“, рече Александар Дамовски, новинар.
Членови од законот одобруваат цензура, премиерот го ставаат во улога на директор на регулаторот, државата ја оставаат да се меша во содржината на медиумот, остават простор објективноста и професионалноста на новинарите да ги оценуваат судиите и повторно се бара одговорност за клевета и навреда рекоа новинарите. Сепак најстрашно од се е што тој пропишува кој смее, а кој не да биде новинар.
„Со законот се вели дека новинар е оној кој има склучено договор со медиум, а сите оние кои немаат таков договор се дискредитираат. Но што ќе се случи со фри ленсерите или пак со пензионираните кои и понатаму сакаат да работат, тие нема да можат да добијат акредитација и со тоа сите врати им се затворени“, рече Тамара Чаусидсис, претседател на синдикат.
„Во уставот јасно се вели дека цензура е забранета, додека во еден од членовите на законот пишува дека цензурата е за бранета освен ако се рабпти за повреда на морал и здравје што е недозволиво. Секогаш кога го има зборчето освен, во законот се дозволува манипулација со тоа што е цензура и која информација може да подлежи на неа“, рече Петрит Сарачини, новинар.
Најголемиот дел од новинарите сметаат дека е непотребно да постои агенција за медиуми која е составена од членови кои ќе ги предлага државата или пак локалната самоуправа, бидејќи токму тоа преставува мешање на власта во работата на медиумите.
„Контрадикторност има во законот бидејќи од една страна во него се вели дека тој се создава за да се обезбеди слобода на медиуми и слобода на медиуми, а во друг член се вика дека ќе постои тело кое ќе ја регулира слободата на медиумите, некакво си тело кое ќе го регулира ова“, рече Јадранка Костова, новинар.
ЗНМ ќе организира уште неколку слични трибини меѓу новинарите и од останатите региони во земјава, по што се очекува да произлезат првичните предлози за подобрување на текстот на законот. /Б.Н.