Железничарот времено се врати на преминот во Превалец но, жителите го бараат постојано!
Не времено туку постојано да остане железничарот кој во изминативе два дена го регулира сообраќајот на преминот, бараат жителите на населба Превалец. За ова свое барање ја известиле општината и сега очекуваат одговор од градоначалникот кој ќе има средби и разговори со првите луѓе на ЈП Македонски железници и со министерството за транспорт и врски.
По несреќата, што се случи во вторникот кога на преминот преку пругата настрада возач на сканија од Пробиштип, МЖ – инфраструктура веднаш испрати железничар на критичниот премин во населбата.
Тој доаѓа два пати во денот, претпладне и попладне, кога има најголема фрекфенција на возови од Битола преку Превалец и Велес кон Скопје и во обратен правец. Тогаш го регулира преминувањето и сообраќајот преку пругата.
Потоа железничарот си оди и безбедноста им ја препушта само на светлосната и звучна сигнализација на железничкиот премин. Но, тоа не е доволно, категорично тврдат жителите на населбата.
Превалчани не се единствени кои го зборуваат ова затоа што истото мислење го имаат и автопревозници од Велес. И тие тврдат дека станува збор за непрегледен терен, посебно делот од железничката пруга пред тунелот.
„Не се гледа доволно а возовите за помалку од 15 секунди стигнуваат од тунелот до преминот. Не секогаш функционира светлосната и звучна сигнализација. Мене ми се случи да не видам дека возот надоаѓа и едвај успеав да го сопрам камионот. Во друг случај стоевме 20 минути, се додека не запре семафорот и сигналот, ни беше страв да поминеме иако жителите од населбата мене и возачите во долгата колона со возила не информираа дека возот поминал ама сигналите работеа како да треба да дојде,“ рече автопревозник.
Затоа Превалчани велат дека немало да отстапат од своето барање за целосно а не времено враќање на железничарот на преминот. Денеска рекоа дека ке почекаат да слушнат што ке договори градоначалникот Славчо Чадиев со јавното претпријатие и министерството.
Ако не биде прифатено нивното барање за постојано обезбедување на преминот од страна на железничар тогаш ќе организираат протест и ќе ја блокираат пругата без разлика на ветувањето дека на неа ќе бидат поставени и железнички рампи./Б.Н
