Велешани испратија пораки до Европа!
„Ние сме во Европа – зошто се чека?“, „Да ни даде безрезервна поддршка за зачувување на името!“, „Да не ни воведува визи“, се дел од пораките кои велешани ги напишаа и закачија на поставените табли во Младинскиот парк каде се одбележа Денот на Европа.
Граѓаните дојдоа и ги проследија настаните кои имаа за цел да им ја приближат Европската унија, институциите и државите членки. На штандови беа поставени едукативни материјали. Учениците од средните училишта ги промовираа земјите на ЕУ со сите специфики и карактеристики на традицијата, културата и животот во нив. Се дела брошури, лифлети и линкови преку кои може да се стапи во контакт со европските институции и да се добијат посакувани информации.
На штандовите на Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ имаше и интерактивен дел во кои велешани учествуваа со тоа што кажуваа во кои се земји на ЕУ имале можност како Македонци да отпатуваат, што во нив им оставило најголем впечаток и да испратат пораки.
„Денеска нема да завршат овие активности затоа што нашите волонтери потоа ќе направат анализа на сите информации кои денеска ги добивме од граѓаните. За сите прашања што велешани ги поставија ќе се обидат да добијат одговор од соодветните организации и институции кои работат на полето Европска Унија. Одговорите ќе ги објавиме на веб страната на фондацијата Фокус каде граѓаните ќе можат да ги прочитаат а ќе бидат проследени и до сите млади луѓе поточно средношколци во градот,“ рече извршниот директор Весна Шкортова.
Денот на Европа, со културна манифестација, го одбележа и општина Велес. Во амфитеатарот на Младинскиот парк свиреа, пееја и танцуваа децата од градинката и основните училишта. /Б.Н