„Тешка сообраќајка во центарот на градот“ – вежбаа пожарникарите!
Се случи тешка сообраќајна несреќа во центарот на градот. Се судрија моторцикл и возило застава 101. Потешко повреден беше возачот во автомобилот. Мораа да интервенираат пожарникарите.
Tиe ги зедоа апаратите, го исекоа возилото и му помогнаа на тешко повредениот граѓанин од автомобилот над кого интервенираше екипа од итната медицинска помош и го пренесе во градската болница. Спасувачката операција на пожарникарите траеше десеттина минути и беше успешна.
Ова сепак беше само вежба на плоштадот Сармаале во која велешките пожарникари ја демонстрираа својата подготвеност освен во гаснење на пожари и за интервенции и спасување на луѓе при несреќи. На овој начин го одбележаа денот на пожарникарите.Тие ја промовираа опремата, прикажаа како се брзи при гаснење на пожари и подготвени во колу е потребно да им помогнат на граѓаните при скокање од згради на голем воздушен душек.
„Ова се дел од нашите активности за приближување до граѓаните. Покажавме за се што сме подготвени и сакаме да им порачаме нив и на општината дека 24 часа сме им на располагање. Бидејќи денеска положив испит и добив сертификат за инструктор за работа со дрегер апарат, пред меѓународна комисија, моето искуство ќе им го пренесам на останатите колеги. Нашата плата е на задоволително ниво се надевам дека ќе ги мотивира сите мои колеги да посетат што поголем број на обуки и добро обучени да одговориме на задачите,“ рече командирот на противпожарната единица во Велес, Љупчо Лепидовски.
Се што кажа првиот велешки пожарникар слушна и градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев кој вети дека со чамец, што општината ќе го купи, ќе ги поддржи пожарникарите во нивната подготвеност да спасуваат граѓани во елементарни непогоди предизвикани од вода. Општината ќе продолжи со лобирањето во владата за обезбедување на помало пожарникарско возило кое на Велес му недостасува особено за гаснење на пожари во горните зони како Камено Брдо, Вршник, Рамина. Во овие делови од градот, кои се наоѓаат на ридовите, општината прво постави противпожарни апарати за гаснење на евентуални пожари.
Денешните вежби на пожарникарите ги надгледуваа инструкторите од Операција Флоријан од Обединетото Кралство кои веќе 4 години работат со македонските пожарникари во достигнување на европските стандарди во пожарникарството, интервенции при елементарни непогоди и сообраќајни несреќи./Б.Н
