Трета кајакарска регата по Вардар низ Македонија, за неколкумина и до Егејското море!

Објавено на 24 мај, 2013 во 12:44

На првото место во кајакот, подготвен за незаборавно доживување од пловењето по Вардар, денеска седна Јорданка Чаушкова од градот Тројан во Бугарија. Почесното место и го отстапи сопругот кој рече дека македонската река за четириесет и пет годишната кајакарка преставувала голем предизвик па затоа заслужила да го води кајакот со кои брачниот пар поминал стотици километри по вода.

Јорданка цели 13 години рекреативно спортува и за неа кајакарството преставува релаксирање од работата и обврските во домот. Таа од годинешното учество во кајакарската регата низ Македонија очекува да ги совлада брзаците и да ужива во мирниот тек на Вардар за да ја почувствува природата за која и раскажувале повеќемина бугарски кајакари.

 

„Еве ги земам и веслата и го чувствувам адреналинот во себе. Ми раскажуваа дека имате прекрасна река а сега кога ја видов знам дека овие четири ќе доживеа неверојатно искуство. Особено го очекувам делот во кој Вардар бил полн со брзаци. Интересна е средбата со нив. Таа треба да се доживее бидејќи кога се раскажува тоа се само зборови,“ – рече Чаушкова.

Годинава, за првпат на кајакарската регата, учествуваат и две жени. Една од нив е Јорданка додека останатите се мажи, искусни кајакари кои досега учествувале на бројни регати низ цела Европа.Меѓу нив е и Дејан Јовановиќ од Белград. Бидејќи трет пат ќе весла по Вардар тој рече дека реката е голем предизвик и ја спореди со Дрина и Сава.

„Македонија треба да знае дека има голема убавина на која би и завиделе многу земји од Европа. Тука сум трет пат и ова што денеска го гледам особено ме радува. Регатата прерасна во меѓународна и јас како претседател на одборот за туризам на Кајакарскиот сојуз на Србија ќе помогнам колку што можам за што поголема афирмација,“ – рече Јовановиќ.

Откако ги собраа шаторите, поставени во централниот градски парк и ги подготвија кајаците и кануата, овие вљубеници во пловењето беа подготвени за уште едно доживување во Вардар. На стартот на регатата годинава се собраа педесеттина кајакари од Бугарија, Словачка, Полска, Чешка, Австрија, Германија, Швајцарија и Србија. Најголем дел од нив, учесници по трет пат, ќе веслаат до Гевгелија но има и ентузијасти кои ке се обидат со кајакот да влезат во Егејското Море.

Организаторот, параглајдерскиот клуб „Аквила“ од Велес, смета дека ова е само еден начин за промоција на природните убавини на Македонија. Кајакарите домаќини сакаат на овој начин да потсетат на шест децениската традиција во градот, во кој, со кајакот раснеле и раснат стотици велешани. Во исто време да им дадат поддршка на македонските олимпијци кои се од Велес затоа што за учеството во регатата се плаќа котизација а парите им се повеќе од потребни.

„Оваа регата е спортско рекреативна.Велес има потенцијал со четири кајакарски клуба многу млади надежни кајакари и шестмина кои сега можат да влезат во кајакарската репрезентација. Нив им треба поддршка и секако пари. Инаку оваа регата им е посветена ним и се надевам дека  симболично но сепак ќе успееме да им помогнеме,“ – рече Александар Коцев.

Општината ја поддржа регатата.

„Ме радува фактот што на овој убав ден, кога го празнуваме делото на сесловенските просветители, сме домаќини на ваков спортски настан. Ова е продолжување на историската традиција на градот во кој нашите предци, трговците со гемии превезувале стока до Солун и назад,“ – рече заменик градоначалникот Горан Јовиќ.

Регатата ќе има четири етапи. Кајакарите денеска ќе стигнат до Стоби, утре до Демир Капија а задутре до Гевгелија. Неколкумина и до Егејското море./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.