(Oбновено) Велешанецoт Златко Крстев загина во Црна Гора!
Објавено: 8 јули, 2013, во 11:36 часот
Во несреќен случај загинал велешанецот Златко Крстев во Црна Гора. Тоа го покажала истрагата на полицијата и трудовата инспекција во Подгорица.
Несреќата се случила вчера околу 14 часот кога тој заедно со уште еден колега ја миеле платформата на брод на кој биле завршени поправките. Златко работел со хидрауличниот апарат под висок притисок и во еден момент кога му ја подал рачката на колегата се случила кобната несреќа во која настрадал. На тешко повредениот триесет и осум годишен велешанец веднаш му била укажана помош. Била повикана брза помош и организиран бил транспорт но тој не издржал да стигне до болницата. Починал попат од искрварување.
Крстев бил искусен работник со сертификат за работа со хидруличниот апарат во Подгорица. Имал две обуки за работните задачи кои ги извршувал. Првата ја стекнал во 2007 година кога почнал да работи во црногорската фирма. Тогаш работел две години до 2009 година. Потоа си дал отказ и се вратил во Македонија. Сега, поминал низ уште една обука пред да започне да работи, пред три недели кога фирмата повторно го пријавила за работните задачи кои ги извршувал.
Златко Крстев беше семеен човек, татко на две малолетни деца. Денеска неговото семејство замина за Подгорица за да го превземе телото./Б.Н
