Болницата повторно бара да се премести Центарот за лекување на наркозависници
Велешката Болницата не се откажува од барањето за дислокација на Центарот за лекување на зависници од дрога. Барањето, да се премести овој центар во друг објект во градот, е старо една година и го знаат во министерството за здравство. И денеска портпаролот на велешката болница, д-р Силвана Мишкова повтори дека наркозависниците им создаваат проблеми во работата и ги вознемируваат пациентите кои се лекуваат во амбулантата на одделението за неври болести. Таму е сместен центарот кој секојдневно го посетуваат 41 наркозависник на лекување со метадонска терапија. Тие се движат во близина на едно од најголемите основни училишта во Велес.
– Имаме проблеми во работата, локацијата во која е сместен овој центар е несоодветно место за дневен центар. На само 30 метри се наоѓа основно училиште, рече д-р Мишкова.
Барањето на лекарите и медицинскиот персонал во велешката болница е повторно актуелно од вчера кога наркозависник го пронашол мртвото тело на триесет годишниот Зоран Б. исто така наркозависник кој се лекувал со метадонска терапија. Покрај телото на починатиот биле пронајдени остатоци од наркотици кои укажуваат дека освен метадон Зоран земал и дрога.
-Починатиот пациент за редовна терапија се јавил на 11 јули по што ја напуштил болницата. Телото е пронајдено вчера, околу пладне, значи неколку дена подоцна, рече д-р Мишкова.
Мртвото тело на Зоран било пронајдено, во грмушките, во близина на оградата под новата мртвачница. Таму често седат наркозависниците кои доаѓаат и земаат метадонска терапија. Направен е увид на лице место од полицијата и истражен судија. Телото е испратено на обдукција која точно треба да утврди од што починал наркозависникот./Б.Н