Бришењето на Топилницата од ГУП-от, тема на последното препукување на власта и опозицијата
Советот на општина изгласа промена на Генералниот урбанистички план со која ќе треба да се избрише Топилницата а на нејзино место да се подигне зелена зона. Но советниците на СДСМ гласаа против одлуката, обвини денеска советничката Валентина Делиманчева Андреева од ВМРО ДПМНЕ. Веднаш реагираа од СДСМ со образложение дека биле воздржани а не против, бидејќи власта дала штуро и според нив никакво образложение за предложените измени.
„За жал советничката група на СДСМ во целост, без образложение гласаше против донесувањето на оваа одлука. Останува нејасно зошто СДСМ е против измената на генералниот план за конечно бришење на топилницата од мапата на градот? Зошто СДСМ е против проширување на ГУП-от кој опфаќа развој на индустриските зони?“, рече Делиманчева Андреева.
Таа ја повика опозицијата да каже зошто го сменила ставот околу Топилницата.
Од СДСМ веднаш одговорија дека ВМРО ДПМНЕ со извртување на вистината се обидува политички да профитира кај граѓаните. Од таму соопштија дека жалат што во недостиг на суштински сработени проекти во скоро петгодишното владеење во Општина Велес, ВМРО ДПМНЕ одржува вакви прес конференции.
– Многу по чесно и по достоинствено би било да кажат дека по прашањето на ТОПИЛНИЦАТА има општ политички консензус меѓу политичките партии во градот, кој постои до ден денес. СДСМ како и сите други е категорички против работењето на Топилницата. СДСМ гласаше воздржано, а не против Програмата за измени и дополнувања на програмата за изработка на урбанистички планови од едноставна причина, поради штурото, речиси никакво образложение дадено од локалната власт во материјалите за седница и на самата седница, што лесно се докажува. Во недостиг на конкретно образложение на суштината, за вака битни теми, воздржувањето од гласање е доблест на одговорни и совесни советници, стои во писмената реакција на СДСМ.