Полицијата ги откри разбојниците кои ограбија Африканци кај велешкото село Мамутчево
Дваесет и шест годишниот К.А и пет години помладиот С.К , двајцата од Велес, се осомничени за извршениот грабеж над седуммината Африканци на патот од селото Мамутчево. Велешката полицијата го утврди идентитетот и трага по третиот учесник, исто така од Велес, кој засега е во бегство.
По приведувањето и сослушување во полициската станица во Велес, К.А и С.К, со кривична пријава за извршено разбојништво се изведени пред истражен судија на Основниот суд во Велес кој на К.А му одреди мерка притвор во времетраење од 30 дена додека на С.К му е одреден куќен притвор.
Тие заедно со велешанецот по кои полицијата трага, во понеделникот вечерта околу 19.30 часот, го извршиле грабежот над Африканците од кои одземале 1.100 евра и денари во против вредност на 100 евра.
Крадците на патот кон селото Мамутчево стигнале со автомобил. Излегле и еден од нив ставајќи му нож под вратот на Ч.Ј, од Сиера Леоне, успеале да ги изнудат парите.
Пред да избегаат ги натерале седуммината Африканци да легнат на земја./Б.Н