Магаре и коњ шетаат низ населбата Дворови и создаваат револт кај граѓаните
Сопственикот го остава добитокот секој ден на улицата „Трајче Панов“ покрај брегот на реката Вардар под зграда на општината. Никој не успеал да го види стопанот на добитокот. Магарето и коњот ја пасат тревата покрај брегот но исто така шетаат по улицата и ја загадуваат со измет. Тоа создава револт кај жителите кои велат дека нивната улица никогаш не е чиста.
– Ова се случува со денови а не треба да биде така. Ние се грижиме за хигиената на нашата улица, значи не ја мете и не ја мие јавното комунално претпријатие. Па бидејќи тоа го правиме сами тогаш надлежните служби нека интервенираат и нека го откријат несовесниот стопан на добитокот. Нему треба да му забранат да ги остава магарето и коњот каде ќе му текне, рекоа Дворовчани.
Освен на оваа улица, многу често се случува, добиток да биде оставен и на спортските терени кај Железен мост. Слична реакција имаа и жителите на Хивската зграда кои не можат да го одржат зеленилото и да седат во паркот пред зградата.
Тие пред неколку месеци едвај успеаја да спасат коњ кој пропадна во отворена шахта. Животното пропаднало ноќта а жителите цело претпладне се мачеле да го спасат од сигурна смрт. На крајот се организираа и успеаја да го извадат од отворената шахта./Б.Н