Се спуштија безбедносните рампи на железничките премини во центарот на градот
Се спуштија претпладнево електричните рампи на премините на железничката пруга Велес – Гевгелија која минува низ центарот на градот откако претходно неколку дена беа подигнати и кога по пругата се движеа возови. Денеска претпладне работници на Македонски железници го отстранија дефектот. Синоќа на пругата застанал товарен воз од Гевгелија кои сообраќал кон Скопје.
– Неколку дена имаше дефект. Овој железнички премин беше отворен додека минеа патничките и товарни возови кои се движеа многу споро по пругата. Свиреа и предупредуваа а синоќа се расипа изгледа локомотива на товарен воз па дојде друга од станица за да го извлече возот кои направи застој на сообраќајот во центарот на градот, рекоа граѓаните кои живеат покрај пругата.
Од ЈП Македонски железници – инфраструктура соопштија дека дефектот го предизвикал пожарот во близина на фабриката за вештачко ѓубре ХИВ пред станицата во Згрополци во кои изгореле дел од каблите на системот за безбедност на железничката пруга. Било потребно да се сменат опожарените со нови кабли. Од денеска претпладне воспоставена е целосна контрола над рампите на сите железнички премини, рекоа од инфраструктура./Б.Н