Помор на риба во Тополка
Се случил во саботата вечерта и засега е тешко да се одреди количината на угинатата риба. Најголем дел од рибите што плутле на површината на водата биле мали додека поголемите се наоѓале на дното. Први инцидентот во реката го виделе жителите на населбата Превалец. Оние кои живеа во близина на Тополка забележале дека побелела површината на реката. Кога се доближиле почувствувале чудна миризба на железо. Водата имала чудна црвеникава боја.
– Но беше темно и неможеше убаво да се види. Кога денеска се раздени глетката беше засташувачка. На површината на реката плуташе угината риба. Имаше многу а замислете колку однела водата во текот на ноќта, раскажаа Превалчани.
Тие ги информирале рибочуварите од Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес кои излегле на лице место.
– Околу 20 часот имаше голема количина на риба на површината на водата. Сите беа угинати. Направив прошетка нагоре по течението на реката. Стигнав и до испусниот канал на поранешна Порцеланка. Од каналот надолу имаше а нагоре над каналот немаше угината риба. Потоа земав примероци од водата под и над каналот. Тие ги предадов денеска на инспекторите, рече рибочуварот Шефкет Маслак.
Инспекција денеска направиле општинскиот и државниот инспектор за заштита на животна средина. Ги земале примероците од водата од реката Тополка и утре, понеделник, ќе ги испратат на анализа во лабораторија во Скопје. Од резултатите ќе се утврдува причината за угинувањето на рибата.
Жителите на Превалец денеска раскажаа дека во поранешна Порцеланка се работи. Екипи вршеле сечење на опремата и машините во погоните на некогашната фабрика за производство на порцелан и керамички плочки./Б.Н