Крвава борба на кучиња ги исплаши минувачите
Ова бездомно куче, кое личи на питбул, утрово задави друго куче на улицата „Петре Прличко“. Се се случи околу 9.10 часот на тротоарот на улицата, од спротивната страна на Мало мовче, во близина на автобуската станица. Таму се движеа голем број на граѓани кога кучето му се нафрли на второто, помало кутре, го зграби за вратот и почна да го дави. Цвилењето на нападнатото куче го сопра движењето по улицата. Ги исплаши граѓаните кои почнаа да бегаат.
По улицата се создаде вистинска бркотница на воздрасни и деца. Сите се обидуваа да се заштитат. Застанаа автобусите и возилата на сообраќајницата.
Потоа похрабрите граѓани се обидуваа со дрво да ги разделат кучињата. Но се додека не го совлада понемоќниот од себе овој питбул не го испушти од уста а потоа се оддалечи од местото и слободно се движеше на автобуската станица додека луѓето бегаа од него.
Дел од граѓаните во куќите и зградите околу театарот рекоа дека вакви слики гледаат постојано.
– Ова не е единственото агресивно куче кое се движи по улицата од пазарот до автобуската станица. Ноќе пред влезовите на зградите има голем број на бездомни кучиња. Не е лесно да си дојдеш дома, рече жител на зграда спроти објектот на театарот.
– Јас сериозно се уплашив за моето дете. Ова куче е многу агресивно. Се прашувам што ли ќе се случеше ако бев пет метри поблизу, па детево и вака се извади од памет. Не смеат кучињава да шетаат вака по улицата, рече велешанка.
Додека таа зборуваше реагираа и вработените во продавниците долж тротоарот. Сите побараа опасното куче да биде тргнато од улица. Исто така побараа поголема грижа од надлежните и од здруженијата за заштита на животни во градот./Б.Н