Предпразнично, зголемена фреквенцијата на сообраќај на автопатот Скопје – Гевгелија
Помеѓу 2 и 6 часот наутро има најголем број на туристи кои патуваат по автопатот од Скопје кон Гевгелија. Најголем број се граѓани од соседна Србија потоа од Турција а има и Германци. Грција е најчеста крајната дестинација на туристите. Стотици возила на граѓани од Скопје денеска попладне минаа на патарината Сопот, кај Велес. Дел од нив заминаа на продолжен викенд а останатите во шпицот на летната сезона на годишен одмор на брегот на Егејското море.
Денес напладне на наплатната станица Сопот брзо се минеше. Таму работеа четворицата наплатувачи на патарина. Домашните и странски туристи се задржуваа по една минута.
– Исто е и на Петровец, нема колони и гужва затоа избравме од Скопје да тргнеме напладне. Одиме на Халкидики таму ќе летуваме и се надеваме дека ваква слика ќе затекнеме и на граничниот премин Богородица, рекоа граѓани од Скопје.
– Доаѓаме од Белград. Добро патувавме и за триесет минути влеговме во Македонија на граничниот премин Табановци. Мислам дека кај нас во Србија имаше поголема гужва. Во Македонија како да е порастеретен сообраќајот од она што го видовме досега. Се надеваме дека така ќе биде до границата со Грција. Ние одиме на Тасос, рече турист од Србија.
Вработените на патарината рекоа дека голема фрекфенција на возила има и во вечерните часови. Шпицот започнува после 20 часот и трае до полноќ. По релаксирано било во наредните два часа во кои опаѓал интензитетот на сообраќајот. Вториот бран на туристи започнувал да доаѓа во 2 часот и траел до 6 наутро. Според нивните проценки состојбата била иста со месец август, минатата година./Б.Н