Хотелот Вила Зора, од есен, студенски кампус!?
Во внатрешноста на објектот се вршат поправки и реконструкции кои доколку работите продолжат да се реализираат според утврдената динамика тогаш на есен хотелскиот комплекс ќе може да ги прифати студентите.
Овие информации на градоначалникот Славчо Чадиев му ги пренела деканката на Технолошкиот факултет кој е дел од битолскиот Универзитет со седиште во Велес. Тој одговарајќи на новинарско прашање рече дека верува оти од оваа есен таму ќе можат да продолжат да учат студентите кои во Велес студираат на Технолошко – техничкиот факултет како и на дисперзираните студии при универзитетот во Охрид и при универзитетот во Скопје.
– Најверојатно новата студенска година, во колку не се случат некои поместувања а и ако се случат тогаш тоа нема за подолг период од крајот на оваа година, се разбира благодарение на министерството за образование кое го помогна тој проект, рече градоначалникот.
Пренамената на оваа хотелска зграда во универзитетски кампус е стара скоро една деценија. Иницијативата беше закочена бидејќи во судска постапка сопственост над објектот докажуваа општината и Сојузот на борци од НОВ.
Штом се донесе пресудата и општината докажа дека е сопственик на објектот го преотстапи на министерството за образование кое излезе со иницијативата за отворање на студенски кампус во Велес.
Во хотелот треба да се сместат Технолошко – техничкиот факултет заедно со дисперзираните студии по информатика на битолскиот универзитет. Во хотелскиот комплекс ќе треба да има простор и за дисперзираните студии за угостителство и туризам на факултетот во Охрид како и за дисперзираните студии за правни науки на УКИМ./Б.Н