Диво поставениот киоск сеуште стои на бетонската плоча кај „Жани“
Не три туку петнаесет дена поминаа од решението на градежниот инспектор а тој не го спроведе документот за дислокација на киоскот од бетонската плоча до нашата зграда, рекоа станарите на улицата „Благој Ѓорев“ бр 87. Тие подготвуваат ново, трето барање кое во понеделник ќе и го испратат на локалната власт, за да го отстрани киоскот, да побара од сопственикот да го искрши бетонот што исто така го изгради на диво и да им го врати зеленилото покрај зградата.
– Градежниот инспектор донесе решение за дислокација во кое според пропишаниот рок овој диво поставен киоск требаше да се тргне од локацијата под нашите прозори пред 15 дена. Како што гледате објектот не е поместен туку стои и денеска, на Илинден. Во понеделник ќе поднесеме трето барање за дислокација на овој објект. Ако досега општината немаше сега веќе има фирма која работи на дислокација на диво поставени објекти. Значи се што треба да направат е да го спроведат решението кое го издаде градежниот инспектор. Ако мислат дека ќе се откажеме од нашата намера да се тргне одтука овој див објект еве да соопштиме дека тоа нема да се случи, рекоа станарите во првиот влез на зградата.
Тие велат дека одлучиле и ќе пишуваат нови барања се додека локалната власт и градоначалникот не покажат на дело дека навистина постапуваат и го спроведуваат законот. Дел од станарите најавија дека ќе поведат и судска постапка против сопствениците на киоскот./Б.Н