Кемал Ататурк на местото на Димче Мирчев,почна реконструкцијата на Малото паркче
Биста на Мустафа Ќемал Ататурк ќе биде поставена во т.н. Мало паркче на местото каде до неодамна беа спомениците на неколкумина велешки борци од НОБ. Според градоначалникот на Велес, Славчо Чадев паркчето ќе биде мост за зацврстување на македонско – турското пријателство. Тоа што бистите на македонските борци ќе бидат далеку од очите на велешани според градоначалникот не е спорно.
– Ова е договорено меѓу претходниот градоначалник и збратимените градови Адалар и Каршијака од Турција, а јас не гледам причина зошто да не го реализирам. На инсистирање на боречката организација бистите се префрлени во спомен костурницата и таму ќе биде изградена Алеја на великани на која јас сметам дека треба да се најдат и личности од илинденското востание, рече Чадиев.
Од Сојузот на борци денеска молчат за потегот на локалната власт. Само велешани се чудат зошто баш на оваа локација е потребно да се стави споменикот на таткото на современа Турција.
– Овде беше споменикот на Димче Мирчев и уште неколкумина борци кој не знам кај се сега. Но, ако е точно дека на нивно место ќе се постави споменик на Ататурк значи јас не се согласувам со ова. Сепак живеам тука и оваа месна заедница го носи името на Димче Мирчев. Ататурк би можел да биде и на друго место, рекоа велешани.
Градоначалникот изрази подготвеност да спроведе анкета на јавното мислење за тоа дали треба да се сместат спомениците во алејата на костурница, но не отстапува од проектот во малото паркче.
За алејата на великаните пак се уште не се знае кога ќе биде готова, иако е проект најавуван уште пред две години.
Инаку паркот на пријателството се гради со 50 илјади евра пари од турските збратимени градови и треба да биде готов за два месеци. За сега Велес само размислува, но не е прецизирано дали ќе изгради свој парк со видни личности во некој од братските градови./Б.Н.