Проширената индустриската зона „УЗУС“ доби вода и канализација
По изградба на пристапните патишта завршија работите околу изградбата на водоводната и канализационата мрежа во новиот проширен дел на зоната. Комисија од општината изврши контрола и сега се чека на нејзиниот извештај за да можат да бидат предадени во употреба 912 метри долгиот водовод и канализацијата со вкупна должина од скоро еден километар. Во нив општината инвестираше 1,4 милиони денари од парите на граѓаните со кои се полни општинскиот буџет.
Штом двете мрежи бидат ставени во употреба ЈКП „Дервен“ ќе склучи договори со сопствениците на фирмите за приклучување. Оваа инвестиција треба да им овозможи целосно да профункционираат дваесеттина помали и поголеми компании и да отворат 800 нови работни места во градот. Дел од нив чекаа да заврши изградбата на инфраструктурата за фирмите да ги стават во функција.
„Изградив погон за производство на брикети. Ги платив сите давачки. Чекам само на приклучок па да почнам со производство. Веќе вработив петнаесетина работници. До мене се уште неколку други компании кои исто така не можат да почнат со работа и планираат да вработат повеќе од 400 работници“, рече сопственикот на една фирма, Тодор Маџаров.
Сега во индустриската зона Комплекс „УЗУС“ работат педесетина фирми во кои се вработени 350 работници.
Во исто време во индустриската зона „Речани 2“ само на половина од продадените 33 плацеви сопствениците изградија 15 објекти. На другите засега нема градежни активности. Од општината пак велат поради зголемениот интерес за нови плацеви многу скоро таму ќе започне проширување на индустриската зона. Деновиве екипа стручњаци започна со испитување на теренот за изградба на уште дена индустриска зона во близина на автопатот Велес-Градско, кај селото Каласлари./Б.Н