Смрдеа од краварска фарма не угуши, обвинуваат жители на Караслари
Сопственик изградил краварска фарма во Караслари на триесеттина метри од последните куќи во селото и создал депонија од добиточен измет на патот кон црквата. Објектот повеќе наликува на импровизиран отколку на цврста градба. Помеѓу овие две локации во селото живеат триесеттина семејства. Тие се жалат на смрдеата од добитокот и велат дека таму не се живее бидејќи фармата е на несоодветно место, депонијата дополнително ги загадува и бараат општина Велес да ја иссели фармата и да му забрани на нивниот сосед да депонира смет во близина на селото.
– Нека ја премести фармата така ќе престанат кавгите и расправиите. А оти овде не се живее, не се живее. Кога ќе дувне југот прозорец не се отвора, дишиме смрдеа, рече жителка на селото.
– Проценете сами дали е законска локацијата. Едвај триесет метри е далеку од нашите куки а и куќата на сопственикот Јован Јовановски е тука. Тие живеат дваесеттина метри од нас. И нив им смрди ама викаат дека не им смрдело, јас неверувам дека е така, рече жителка на селото.
– Јас сум најблиску а болен бев од бруцелоза. Штом дувне ветер смрдеата ми влегува дома а јас сум пак болен, качувам температура и морам во болница да одам. Не се живее вака од една страна ме сардиса фармата од друга депонијата. Над 40 трактори измет од добиток има истурено покрај патот кон селската црква, рече жител на селото.
Јордан Давчев и напишал барање на општината, се потпишале и останатите жители на кои им смета смрдеата. Тие бараат фармата да се дислоцира и да му забранат на сопственикот Јован Јовановски да го истура измет од кравите покрај патот кон селската црква.
Денеска Јовановски не беше дома бидејќи претпладне ги однел кравите на пасење. Не пречека неговата сопруга Лилјана која рече дека пријавата „била масло“ на сосед со кои биле скарани. Таа смета дека не ги загадуваат соседите а крави морале да одгледуваат за да преживеат. Јовановски имале документ за градбата и редовно чистеле. Сега чекале на легализација бидејќи објектот бил на државна земја. За локацијата на која го собираат изметот од кравите, до патот кон црквата, рече дека била привремена, пред да го однесат на нивните ниви.
Од општината велат дека Јовановски не ја прекршил одлуката за комунален ред и неговата фарма била изградена на поголемо растојание од пропишаните 10 метри од населено место. Инспектори веќе реагирале и го задолжиле Јовановски редовно да чисти и да не складира измет каде ќе му текне.
– Тој постапил согласно нашите задолженија и препораки покажаа инспекциските контроли. Ќе направиме уште една контрола и ќе констатираме што таму се случува, рече портпаролот на општина Велес Мартин Мајсторов.
Жителите на кои од фармата и депонијата им смрди рекоа дека ќе почекаат на решенијата од општината а потоа ако треба ќе барат помош и од државните инспекции.