Велешките земјоделци се на мака бидејки неможат да го продадат лебното жито
Земјоделците во велешко го собраа лебното жито од нивите но не можат да го изнесат од амбарите. Ги спречува ниската откупна цена. Млинарите процениле дека не е квалитетно и им дале цена од 9 и 10 денари за килограм. Наспроти ваквата проценка земјоделците велат дека квалитетот не е за прва класа но нема да го дадат со цена која се нуди како за добиточна храна. Револтирани се на односот на мелничарите кои не го почитуваат договорот со министерството, житото да го откупат од 12 до 15 денари за килограм.
– Само половина од годинешниот род од 1.000 тони пченица го продадаов по цена од 11 денари за килограм. Другата половина ја чувам бидејќи нема лебното жито да го продадам за 9 денари од килограм. Две години чекам три милиони денари да ми ги плати еден млинар за пченицата што ми ја откупи. Се судам а незнам кога ќе си го наплатам долгот. Есенва ке ги намалам површините под јачмен и пченица, рече Ивица Стојков од село Иванковци.
Тој е само еден од земјоделците кои годинава, на нивите во Иванковци, произведоа над 4.000 тони лебно жито. Земјоделците не го продаваат за 9 денари а нема каде да го чуваат. Во амбарите уште им стои складираниот јачмен. Ако не го продадат тогаш ќе мораат да им платат на мелничарите во чии силоси родот ќе мора да презими.
Земјоделците бараат министерството за земјоделство повторно да побара од млинарите да го почитуваат договорот. Исто така сметаат дека им треба помош во делот на обезбедување квалитетен семенски материјал, гориво и вештачко ѓубре. Биле подготвени тоа да го компензираат со парите од субвенциите./Б.Н