Здруженијата за заштита на животни вчера го следеле бездомниот питбул кој шета низ Велес
Бездомниот питбул, кој пред еден месец нападна и задави куче во близина на улицата Петре Прличко и споменикот на Гемиџиите, вчера дојде во центарот на градот. Совесни граѓани веднаш штом виделе дека кучето го минува мостот Гемиџии побарале помош од здруженијата за заштита на животни.
– Случајно го имав бројот на здружението Обезбеди живот и пријавив затоа што сметам дека кучето не смее да биде само на улица. Тогаш нападна друго куче но не смее да се случи да нападне човек. Мислам дека е многу агресивно затоа пријавив за да го следат и да превземат мерки, рече граѓанин.
Од здружението излегле и цело попладне го следеле питбулот кој се шетал на главната улица, околу споменикот на Кочо Рацин, градскиот паркинг пред судот до фонтаната на Сармаале. Робертино Васков вели дека требало да помине подолго време за да му се приближат на питбулот кој бил гладен.
– Го намамивме со храна и видовме дека е многу изгладнет. Го нахранивме и не беше лош се додека не виде мачка а реагираше и на други кучиња. Во акцијата учествуваа и преставници од останатите друштва за заштита на животни, а дојде и ветеринарен лекар. Го фотографиравме кучето и денеска фотографиите ќе ги предадам во полиција. Ние вчера правевме се што можеме и за граѓаните, ги предупредувавме особено мајките и децата што се движеа на улицата. Очекувам реакција на надлежните кои ќе го заловат кучето ако тоа не го сториле синоќа или ноќеска бидејќи очигледно е дека не треба да биде на улица. Апелирам да добие хуман третман , рече Васков.
Денеска питбулот го немаше во центарот на градот. Не го забележале ниту продавачите во продавниците спроти Мало мовче. Граѓаните кои таму ги прашавме рекоа дека питбулот, по инцидентот во кој задави куче, продолжил да живее на улицата Петре Прличков. Тие се сомневаат дека станува збор за куче кое учествувало во борби со други кучиња зошто реагирало само на животни и досега не се случило да нападне човек. Сепак сите сметаат дека поради безбедност треба да се тргне од улица.
Од ветеринарната станица не се јавија на нашите телефонски повици за да ги прашаме дали го заловиле питбулот./Б.Н