СДСМ:Власта скрои буџет за предизборни потреби, па сега го преполови!
Опозицијата во општинскиот совет обвини дека ВМРО ДПМНЕ со ребалансот на буџетот на последната седница докажа дека тој беше скроен само за предизборни потреби. Од СДСМ тврдат дека тоа се докажува и со полнењето на општинската каса која за половина година е наполнета за само 28 проценти ако не се сметаат платите за вработените во локалните институции.
„Колку и да се полни до крајот на годината, нека надмине и над 50 проценти сепак тоа ќе значи дека речиси половина од предвидените проекти кои предизборно ги ветуваше ВМРО ДПМНЕ сега нема да ги реализира“, рече Панче Иванов, СДСМ.
На ова преку соопштение одговорија од советничката група на ВМРО ДПМНЕ. Во него пишуваат дека до сега навистина општината го има најтешкиот буџет, но тоа е добро бидејќи значи и повеќе реализирани проекти за граѓаните на Велес.
„До сега се остварени 29,4 милиони денари капитални расходи, што за 6 месеци се најголемо остварување на било кој буџет од изминатиот период. Исто така добро е да се знае дека со овој ребаланс постои зголемување на средствата кај ставката за градежни објекти а се зголемуваат и предвидените средства за стипендии на студентите“, пишува во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.
Спротивно на ова пак опозцијата тврди дека најпомпезно ветуваните, развојот на туризмот, економијата и капиталните инвестиции се доведени до минимум. За власта е нормално да има ребалас и велат дека и кога СДСМ беше на власт постоеше редовна пракса два пати во годината да се прераспределува општинската каса./Б.Н.