Топилницата избришана од картата на Велес

Објавено: 13 септември, 2013, во 13:42 часот

Топилницата повеќе не постои на картата на Велес. На локацијата на која сега се наоѓа фабриката ќе се подигнува зелен појас. Иницијативата на градот ја поддржа министерството за транспорт и врски и дозволи промена на  Генералниот Урбанистички план на градот.

Наместо производствени погони и јаловина, на површината од 45 хектари, ќе треба да се засадат садници и подигне шума. Сега останува уште Советот на општината да ја изгласа одлуката.

 

„На останатиот дел од локацијата е зацртано да се изгради сообраќајна и комунална инфраструктура. Бришејќи ја Топилницата од целокупната планска документација се стави крај на децениската борба на велешани за здрава животна средина, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.

Но ова не е крај на еколошката војна. Граѓаните имаат уште една сериозна закана исто голема колку и фабриката. За депонијата на која во изминатите триесет години се складираа 900 илјади тони оловна, цинкова и кадмиумова згура е исто опасна колку и фабриката, предупредуваат експертите. Неа досега државата не успеа да ја продаде на два тендери. Тие пропаднаа бидејќи нема заинтересиран купувач.

„Во постојан контакт сме со министерствата за животна средина и за економија и се надеваме дека во најскоро време ќе успееме и згурата да ја тргнеме од градот и тогаш конечно до крај да го решиме овој проблем, рече Чадиев.

Експертите постојано апелираат и како единствено добро решение го посочуваат комплетното затворање на депонијата врз која исто така треба да се подигне зелен појас. /Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.