Технолошко техничкиот факултет се всели во нов простор
Технолошко техничкиот факултет во Велес се всели во нов простор. Од објектот на поранешното основно училиште „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ сега во поранешниот хотел „Вила Зора“. Со задоцнување од една година хотелот е преадаптиран, па сега поранешната рецепција е скриптара, а ресторанските сали се слушални. За министерот за образование нема ништо спорно во доцнењето со градежните работи.
– Најпрво да кажам дека ние денеска сме овде за да го отвориме факултетот. Во секој план можни се проблеми при реализацијата. Јас сум најсреќен затоа што дојдовме до завршна фаза. Ние како министерство и Влада било кој проблем не преставува демотивација за да го завршиме она што сме го започнале. Можеби некогаш ке се задоцни со некој рок но работите се завршуваат како што е впрочем и овој, рече министерот Ристовски.
Ректорот на Универзитетот рече дека објектот никој претходно не го земал затоа што состојбата во која се наоѓала внатрешноста на зградата била катастрофална. Тие биле единствените што се нафатиле и направиле се што можеле за да ја создадат сликата што денеска ја има зградата. Ваделе кујнски елементи, преградувале ѕидови, реновирале и преадаптирале простор што сега изгледа современо.
– Имавме проблеми и со изведувачите кои даваа рокови и ги пробиваа исто како и подизведувачите на градежните работи, на електричната инсталација и другите зафати. Но од нас максимално се работеше. Тука имаше луѓе кои секојдневно работеа а ставивме и обезбедување кое од првиот ден ние го плаќавме. Среќен сум се што се заврши и што сега овие услови овозможуваат факултетот да се издигне на уште повисоко ниво, рече професор д-р Златко Жоглев.
Во изминатите пет години студенти на учеа во зграда на поранешно основно училиште каде немаше ниту основни услови за работа. Сега 400 студенти на прехрамбена и био технологија како и нутриционизам добија 4 нови предавални, лаборатории, компјутерски и центар за далечинско учење. Со него наставата што ќе ја изведуваат професорите во Велес, преку интернет, ќе ја следат и студентите во Кичево.
– Тоа е нешто ново значи она што овде ќе го предаваат професорите ќе го слушаат и студентите во Кичево, рече доцент д-р Валентина Павлова, декан на факултетот.
Министерот Ристовски денеска соопшти дека во објектот има многу простор што може да се пренамени во студенски кампус. Таа иницијатива е стара неколку години но министерот вети дека ќе стори се што може од Велес да направи регионален центар за образование./Б.Н