Се врати од рехабилитација во Црна Гора втората група на лица со посебни потреби од Македонија
Се врати деновиве во Велес и втората група летувалци, составена од лица со посебни потреби, кои беа на црногорското крајбрежје. Десетдневната климатска рехабилитација во Добре Воде, кај Бар заврши за 30-тина лица и нивните придружници. Тие беа гости на црногорското здружение на граѓани „Хуманитарна фамилија“ кое ги сноси трошоците за сместување и храна на летувалците од Македонија. Единствено на товар на семејствата на лицата со посебни потреби паѓаат патните трошоци до Бар и назад до Македонија.
– Сите летувалци, од оваа втора за годинава група, се задоволни. Во Добре Воде овојпат беа деца од Скопје ,Прилеп ,Гевгелија ,Градско и од Велес. Малку се капевме, многу се дружевме, имаше седенки на морскиот брег бидејќи така одлучивме додека ги реализиравме рехабилитационите вежби да се вдишува и јодот кој е многу корисен за здравјето на децата. И за оваа група домаќините организираа посета на Острошкиот манастир. Убави беа дружењата на децата со нивни врсници од Србија ,Босна и Херцеговина и од уште неколку други држави, рече Далиборка Златева, претседател на здружението на лица со церебрална парализа во Велес.
Ова е втора година по ред во која по две групи на лица со пречки во развојот од Македонија одат на летување во Добре Воде. Првата летува и се рехабилитира на почетокот на јуни а втората на почетокот на септември. Втората група ја посети амбасадорот на Македонија во Црна Гора, Александар Василевски.
Од здружението на лица со церебрална парализа велат дека најголем проблем е обезбедувањето пари за превоз. Од таму повторно ќе се обидат да ги обезбедат од државата или од фондации и други приватни донатори./Б.Н