Работните тетратки не се задолжителни книги
Работните тетратки не се задолжителен прибор на учениците во основно образование. Нив родителите можат да ги купат во колку оценат дека им се потребни на децата за домашна употреба. Доколку учениците не пројават интерес тогаш не треба да се изложуваат на дополнителен финансиски трошок и оптоварување на семејниот буџет. Наставниците, со изговор дека се задолжителни во образовниот процес, не смеат да бараат од родителите да ги купуваат дециден е ставот на министерството за образование.
– Јас еднаш кажав дека за нас интересот на 200 илјади семејства кои имаат ученици е поголем од интересот на поедини автори на учебници и работни тетратки или на издавачите. Замолувам да не се дефокусира јавноста и да не се шират шпекулации од одредени наставници кон учениците дека министерот забранил да користат одредени материјали кои ќе им помогнат во образовниот процец. Не, министерот забрани да се спроведуваат ситни бизнис интереси во училиштата, рече Спиро Ристовски.
Министерот за образование и наука вака одговори на новинарско прашање во кое беше пренесено мислење на наставниците од прво, второ и трето одделение за потребата од работни тетратки во образовниот процес. Претходно неколкумина наставници во градот соопштија дека би било подобро кога освен учебниците, кои во многу наликуваат на сликовници, учениците да користат ископирани листови или работни тетратки за пишување на часовите./Б.Н