Велес доби нов ГУП во кој ја нема Топилницата
Топилницата за олово и цинк во Велес никогаш повеќе не ќе може да работи на локацијата на која што во моментов се наоѓа. Власта и опозицијата во велешкиот Совет на општина, денеска, едногласно го донесе новиот генерален урбанистички план на градот. Во него веќе не постои најголемиот загадувач со тешки метали.Велешани ја добија неколку децениската борба за здрава животна средина.
– Денеска е многу значаен ден бидејќи со оваа одлука ставаме крај на тридецениското загадување, но и нов стремеж за отпочнување постапки со кои ќе овозможиме да се оствари чистењето на околината, бидејќи последиците ние како граѓани ќе ги чувствуваме уште многу долго – рече Петре Саздов, координатор на ВМРО ДПМНЕ.
– Ова е голема придобивка за граѓаните на Велес. Со ова можеме да кажеме дека Велес ќе биде чист град во иднина и град на кој нема да му престои опасност од загадувањето од топилницата – рече Благој Коларов, координатор на СДСМ.
Ваквата одлука на Советот на општината треба да ја запре постапката во која газдата на топилницата, скопската фирма Метрудхем, бара дозвола за рестарт на фабриката од министерството за животна средина и просторно планирање.
– Во иднина советот ќе ги донесе сите потребни одлуки кои ќе значат подобрување на здравата и чиста животна средина а тоа се поврзани со фиторемедијација, со дислокација на објектите кои се наоѓаат на на овој простор и се што ќе значи рехабилитација на почвата во градот и околината, рече Александар Колев, претседател на совет.
Од компанијата Метрудхем која е сопственик на фабричките погони не сакаат да коментираат се додека не добијат и официјална потврда. Градоначалникот ќе ги извести дека објектот треба да се дислоцира бидејќи општината планира на локацијата да засади зеленило.
– Јас сум горд како градоначалник што граѓаните покажаа цврстина и единство и што сите заедно го сторивме она што им го должиме на нашите поколенија, рече Славчо Чадиев.
Инаку велешани борбата за здрава животна средина ја започнаа во 2000 тата откако светската здравствена организација поради загадувањето го прогласи градот за опасно место за живеење. После пет години фабриката беше затворена, но по пет години неработење новите сопственици најавија нејзино рестартирање. Со денешната одлука нивниот план е неостварлив./Б.Н