(ФОТО) Актерката Весна Димитровска Бобевски и Ристе Бобевски стапија во црковен брак
– Љубете се, почитувајте се, поддржувајте се, заедно делете го доброто и лошото, создавајте и подарете живот, им порача Митрополитот Повардарски Агатангел на младенците. Тој го раководеше чинот венчание во црквата Света Богородица во Велес. Во венчавката учествуваа уште седум свештеници на велешкото архиерејско намесништво. Церемонијата беше посебна, особено за невестата. На крајот од венчавката Владиката зборуваше за црквувањето на Весна и се заблагодари за славењето на Бога и светителите преку филмската дејност а не пропушти да го повика младоженецот да ја поддржува невестата во духовниот живот.
Весна и Ристе се венчаа попладнево а на свечениот чин присуствуваа најблиските, кумовите, старосватицата и пријателите. Младенците беа облечени во гардероба купена од Италија. Невестата носеше венчаница во бела боја на која имаше апликации на рози и широк розев колан. Весна се одлучи за едноставна фризура со бел цвет на десната страна на косата. За нејзиниот стајлинг се погрижи стилистот Томислав Тоцинов. Таа носеше бели кондури и мала бела ташна. Од мали розеви ружи беше подготвен и бидемаерот. Во бојата на шампањот беа панталони и мајцата што ги носеше Ристе.
Први бракот им го честитаа кумовите, семејството Андоновски од Велес. Невестата им бакна рака и потоа ги прими честитките исто како и на свекорот и свекрвата.
Потоа пристапи и старосватицата, оперската певица Веселинка Маџарова. Таа прва одржа здравица штом кумот го отвори првото шише со шампањ и на Бобевски им посака неизмерно многу здравје и среќа кои ќе им помогнат во остварувањето на сите заеднички желби.
Младенците сеуште под импресии на венчавката не испратија велејќи дека сериозно ќе пристапат кон обрските кои произлегуваат од соединувањето со Бога.
– Се што е од Бога благословено го поседува неговиот дух. Тоа чувство е возвишено и очекувам нашиот заеднички пат да биде по божјата промисла. Се надевам дека ќе не следат неговиот дух и милоста божја до крајот на животот, рече невестата Весна.
– Очекувам дека ќе не следат само добри и убави работи, рече младоженецот Ристе.
Обајцата рекоа дека вечерва со најблиските ќе слават во велешки ресторан додека свадбената веселба ќе следи дополнително.