Во интерес на велосипедистите, општината бара забрана за товарни возила од јужниот влез во градот
Токму најмладите денеска ја извозија традиционалната маршута низ центарот на градот и порачаа што почесто возрасните да го користат ова превозно сретство во еколошки најзагадениот град во државата. Најбројни беа учениците од ООУ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ на кои им се придружија врсници од сите останати основни училишта. Tие се иницијатори на ученичката еколошка патрола. Рекреативната трка на велосипед е традиционална и потекнува од најстарото но мотивира ученици и од останатите училишта.
– Децата се импресионирани тоа можете да го видите. Со неа го одбележуваме светскиот ден на велосипед и особено ни е драго што во рекреативното возење ни се придружија ученици од останатите училишта. Се водиме од пораката дека на здравото тело му е потребен и здрав дух. Затоа на нашите сограѓани им порачуваме што повеќе да го користат велосипедот а што помалку автомобилот, рече Фиданка Ивановска директорка на училиштето.
Во трката учествуваa неколкумина родители и градоначалникот Славчо Чадиев. Тој најави дека општината ќе отпочне иницијатива за воведување на забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси по стариот пат од Велес до клучката на автопатот кај селото Караслари. Така ќе се создадат услови за побезбедно возење на велосипед за се поголемиот број на граѓани.
– Во контакт сме со МВР, со службата за безбедност во сообраќајот и сакаме да подготвиме студија со која сообраќајот на товарните возила и автобусите ќе го пренасочиме исклучиво преку автопатот и на тој начин за рекреативците, вљубеници во велосипедот ќе овозможиме безбедно возење по стариот пат и влезот во градот од јужната страна. На ова не поттикна се поголемиот број на сограѓани кои од ден во ден возат велосипеди, рече Чадиев.
Тој одговарајќи на новинарски прашања соопшти дека општината ќе размисли за воведување на ден во кој низ улиците во Велес ќе се возат исклучиво велосипеди како и за изградба на велосипедска патека од градот до езерото Младост. Овој проект е стар околу 8 години и го иницираа екологистите од „Вила Зора“.