Со редовен преглед во борбата против канцерот на женските репродуктивни органи
Објавено: 30 септември, 2013, во 09:57 часот
Со марш од болницата до плоштадот Сармаале, во ценатрот на Велес, велешанки одлучија да се вклучат во глобалната кампања за подигнување на свеста и борбата против канцерот на репродуктивните органи. Се собраа во дворот на општата болница. Таму ги слушнаа информациите поврзани со опасната болест, кобна по животот на многу велешанки. Последниве години се зголемува свеста на жените во градот кои со редовните контроли овозможуваат рано дијагностицирање на болеста што пак влијае на процесот на лекување, рече д-р Атанас Василев, директор на општата болница во Велес.
– Состојбата се подобрува благодарение на свеста на жените. Болницата располага со апарати и стручен кадар за рано откривање на канцерот на грлото на матката. Сега е потребно само жените да доаѓаат на редовни контроли. Велес не се издвојува со некој посебни бројки но сепак ние како држава спаѓаме во југоисточна Европа каде што доста е развиен карциномот на грло на матка. Значи ние сме во високоризичен регион, реле д-р Василев.
На редовни контроли жените ги повика и директорката на Здравствениот дом, д-р Тања Самаракова.
– Државата овозможува заштита на женската популација од рана возраст. ХПВ вакцината дава можност на девојчињата за заштита од болеста. Таа треба да се прими инаку е бесплатна, рече д-р Самаракова.

Сите жени кои вчера се вклучија во маршот против болеста сметаат дека еден чекор чини многу за лекувањето на ова малигно заболување. Тие маршираа до центарот на градот со цел да го привлечат вниманието на велешанки, да поттикнат што поголем број на сограѓанки на редовен скрининг, контрола со папаниколау тест и на папографски преглед.
– Особено е значајно за болеста и превенцијата да се зборува во руралните средини. И таму жените да слушнат за се она што е потребно во откривањето на болеста во рана фаза. Мислам дека оваа кампања треба да се прошири и во неа да се вклучат што поголем број на жени од селата. Во градот свеста на жените сметам дека е на задоволително ниво, рече велешанка учесничка во маршот.
Сите учеснички во маршот ги повикаа своите познанички и пријателки да им се придружат во борбата против канцерот на женските репродуктивни органи за која сметаат дека треба да се одвива секојдневно./Б.Н

