Општината организирано ќе собира смет и во три населени места
Освен во градовите, општините имаат обврска, да го собираат сметот и од населените места. На тоа ги обврзува План со кој руралните средини треба да се воведат во системот за управување со отпад. Селото Отовица ќе биде прво населено место во кое од наредниот месец ќе се собира сметот во општината. До тогаш ЈКП „Дервен“ ќе треба да ја исчисти тамошната депонија на која жителите до сега фрлале смет.
– Затоа во сабота таму ќе изведеме голема акција за санирање на постоечката депонија. Освен општината и градските комуналци исто така ги повикуваме и жителите на Отовица, учениците, тоа е многу значајно затоа што тие живеат во тоа населено место. Ние треба стратешки да помогнеме и да поставиме правилен правец на управување со отпадот, рече општинскиот инспектор за заштита на животна средина, Билјана Шуркова Манаскова.
Таа објасни дека санирањето на депонијата е особено важно затоа што гравитира кон езерото Младост и при големи атмосферски влијанија може да предизвика штета за водата и езерото „Младост“ . Ззатоа е крајно време за интервенција додаде Шуркова Манаскова.
Освен во Отовица, според плановите на локалната самоуправа, до крајот на годината организирано смет ќе се собира и во Сујаклари и во Раштани./Б.Н