Масовни кражби на огревно дрво од Јакупица

Објавено: 8 октомври, 2013, во 15:08 часот

Во шумите над селата Нежилово и Папрадиште има 6 илјади метри просторни помалку дрва. Безмилосно се сечат но и се крадат букови и дабови стебла. Диви сечачи го соголеа планинскиот масив од велешка страна, ќе предизвикаат ерозија на земјата од која жителите во селата се плашат дека ќе им ги затрупа патиштата. Тие веќе побараа помош од екологистите од ЕД „Вила Зора“ ,да ги пренесат информациите до државните институции од кои очекуваат да превземат итни мерки за крај на дивата сеча, кражбите и нелегалниот транспорт на дрва.

Само во шумите над овие две села се исечени помеѓу 5 и 6 илјади метри просторни буково и дабово огревно дрво. Очекуваме под итно надлежните институции да превземат мерки за запирање на сечата, рече д-р Ненад Коциќ, претседател на ЕД „Вила Зора“.

Бесправна и масовна сеча има насекаде, во скопско, во битолско, во источна и во западна Македонија, велат екологисти. Ги повикаа институциите да превземат итни мерки за масовното ништење на државните шуми. Екологистите презентираа фотографии направени од граѓани на кои се гледа дека станува збор за кражби на дрвја.

– Јас со инспекторката и вработени во шумско стопанство бев на лице место и видов каде сече претпријатието а каде приватни сечи. Значи се сечат само неколку дрвја од приватната сеча а потоа се преминува на парцелите кои се во државната шума. Легални сечи има но и диви. Инспектор кој има приватна агенција и му е одземена дозволата за работа поради повеќе кривични пријави, со негови дозволи продолжува сечата. Тоа е контрадикторно, вели Ване Михајловски.

И партијата на Зелените се вклучи во акцијата за спасување на македонските шуми. За да се откријат виновниците ќе треба да се спроведе законот и казните, вели претседателката на ДОМ , Лилјана Поповска.

– Во парламентот донесовме закон со нови построги правила. Разочарана сум зошто тој закон не функционира така како што треба. Мора да се види кои од институциите не си ја вршат работата, каде се случува пропуст и која алка од синџирот е скршена, рече Поповска.

Зелените, екологистите и граѓаните ќе организираат еколошки патроли низ шумите на планинскиот масив Јакупива паралелно со посетата на ЈП „Македонски шуми“ и инспекторатот од кои ќе бараат одговори кој и зошто дозволува масовна и бесправна сеча на шумите во Македонија./Б.Н

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.