Здравствените работници први на одвикнување од цигари
Советувалиште за одвикнување од пушење е отворено во Центарот за јавно здравје во Велес. Советувалиштето е од едукативен карактер и граѓаните кои имаат желба да се откажат од цигарите а им недостасува волја, ќе добијат информации за штетните последици од пушењето. Советувањето ќе се реализира по специјална програма изработена на педесетина страници, а со луѓето ќе работат обучени кадри.
„Ќе има материјали за самопомош. Постојат лепенки, апчиња за одвикнување се со цел да се откаже популацијата од цигарите кои навистина имаат штетно влијание врз здравјето“, рече Флорентина Ристовска Шурбевска, раководител на Центарот за јавно здравје.
Први кои се одлучија да се откажат од цигарите и го посетија советувалиштето се здравствените работници од Центарот, а потоа и останатите од другите здравствени установи. Тие веќе посетија неколку предавања.
„Триесет проценти од лекарите се пушачи. Со советодавни предавања нив ќе ги опфатиме во текот на летото. Првото предавање го направивме за нашите вработени – пушачи, а потоа ќе следуваат оние од Здравствен дом и накрај од болницата“, рече Ристовска Шурбевска.
За успешен здравствен систем во државата потребно е да се стави акцент на превенцијата, велат од Центарот за јавно здравја. Токму тоа е и намената на советувалиштето. Со граѓаните кои ќе сакаат да се одвикнат од пушење, советувалиштето ќе почне да работи од август годинава. Дотогаш ќе трае пријавувањето за едукативните предавања. Заинтересираните ќе можат да се јават на телефонскиот број 043 233 202.
Советувањето за одвикнување од пушење е бесплатно./Д.С
