Континуирано опаѓа наталитетот во општините на Вардарскиот регион
Објавено: 2 јули, 2014, во 12:36 часот
Од 2008-ма наваму континуирано се намалува бројот на новороденчиња. Најниска стапка на наталитет има во општината Росоман, а највисока во општина Чашка. Ова се податоците на Државниот завод за статистика. За разлика од наталитетот пак, бруто домашниот производ по жител во овој регион е за 2,2 проценти повисок од државниот просек.
Статистичарите пресметале дека според висината на бруто домашниот производ, Вардарскиот е на шесто место во државата и се наоѓа пред Источниот регион.
„Бруто домашниот производ во 2011 година во овој регион изнесува 35 милиони денари односно 228. 324 денари по жител и е повисок за 2,2 проценти од просекот на Македонија. Овие бројки се резултат на голем број активни фирми и правни субјекти во овој регион“, рече Благица Новковска, директор на Државен завод за статистика.

Расположивите податоци на Државниот завод за статистика се од големо значење за општините односно јавните институции. Со нив можат да се одредат сите параметри на заедницата. Но од статистика велат дека малку од институциите знаат за податоците кои можат да им послужат при нивните анализи, проекти и стратегии. Токму затоа денеска им покажаа како се користи базата на податоци.
„Со нашите податоци може многу лесно да се направат профилите на сите општини, на секој регион, да се види каде е секоја општина споредбено со другите општини и каде е секој регион во однос на другиот. Токму затоа ние се трудиме фондот на податоци континуирано да го зголемуваме, рече Новковска.
Предвидено е оваа база на податоци, Државниот завод за статистика да ја презентира во сите осум региони во земјава./Д.С
