Има малолетници ноќе во кафетериите но, не пијат алкохол

Објавено на 31 јули, 2014 во 12:13

Уште една акција, вчеравечер,  спроведе локалниот совет за превенција од детско претстапништво низ угостителските објекти во градот. Заедно со полицијата проверуваше дали има малолетници во кафетериите и рестораните. Во доцните вечерни часови затекнаа малолетници во локалите. Среќна околност беше што малолетниците не консумираа алкохолни пијалоци.

„Целта на акцијата на локалниот совет за превенција е да ја утрвди состојбата на терен и да видиме дали се присутни младите во локалите и дали консумираат алкохол. Сакаме да упатиме и еден апел до родителите да внимаваат каде нивните деца го трошат слободното време,“ рече Наде Трајкова од  локален совет за превенција.

Во патролата на советот за превенција вклучена е и полицијата. Таа ги легитимираше младите за кои се сомневаше дека се малолетни. Од СВР Велес велат дека акцијата нема за цел да казнува туку превентивно да делува.

„Оваа акција засега има позитивни резултати. Затекнавме неколкумина малолетници но не конзумираа алкохол. Ова нека биде апел и до нив и до угостителите да ги почитуваат законите, рече инспекторката Снежана Пановска.

Досегашните контроли на советот за превенција покажале дека младите велешани најмногу прекршоци прават во сообраќајот, управувајќи  моторцикли без дозвола, не ги почитуваат правилата и не носат заштитен шлем. Затоа во следниот период советот ќе промовира прирачник за запознавање со законот за правда за децата. „

„Прирачникот ќе биде презентирана во сите училишта како за децата така и за родителите со цел да се запознаат со правилата и одредбите доколку нивните деца бидат прекршители на законот, “ рече Трајкова.

Велешката полиција соопшти  дека редовно ги контролира  угостителските објекти и следи дали ноќе во нив има малолетници, но досега нема откриено сериозни прекршители на законот. Синоќешната  посета на угостителските објекти е прва активност од акциониот план за работа на локалниот совет за превенција од детско престапништво./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.