Владиката Агатанѓел: И покрај високото и надградено образование многумина покажуваме полуписменост, некреативност, себичност и злонамерност
Современите христијани треба да извлечат поука од краткиот но содржаен живот на лекарот Пантелејмон, порача Митрополитот Повардарски, Господин Агатанѓел во синоќешното поздравно и празнично слово до верниците и граѓаните на Велес.
Појаснувајќи ја улогата на мајката на светецот, во доброто и правилно воспитување на младиот лекар Пантелејмон, кој и покрај искушенијата што ги носи животот не го оттргнал Христа од своето срце а за верниците станал пример за истрајност во духовноста и извор на целебноста, Владиката Агатангел побара да се стави крај на неколку значајни општествени девијации.
„ Денес се обрнува големо внимание на образованието на умот а занемарено е образованието и воспитанието на срцето. Поради тоа често гледаме непокорни деца, непослушни синови и ќерки, развратни и недоверливи граѓани. Денес и покрај нашето високо и надградено образование често пати со разни научни титули и звања, многумина покажуваме полуписменост, не креативност во работата , себичност и злонамерност кон својот ближен. Ако и понатаму како македонско општество , како семејство но воопшто и како човештво, продолжиме да гледаме со небрижност кон воспитанието на нашите деца тогаш сите слоеви на општеството се изложуваат на големи ризици со широки можности за несреќна иднина на идните генерации. Поучи го момчето на почетокот на неговиот пат – Тој нема да скршне од него, вели библискиот мудрец. Света должност е, уште во најраните години во срцата на нашите деца да ги засадуваме благотворните начела на верата и љубовта. Должни сме кај детето да развиваме чувство на милост и сочувство, за тие правилно да ги насочат своите детски склоности. Но, за ова вистински да го спроведеме во животот не се доволни само совети. Неопходен е и личниот пример. Детето треба кај неговите родители , роднини, соседи преку неговите очи да ги види својствата на верата, скромноста, работливоста и добротворството , да ја види нашата љубов кон вистината и духовната чистота. Истовремено треба да ја види нашата борба против лагата и нечесноста . Ќе треба сите ние заедно, целото општество, да вложиме многу напор со помош на училишниот систем , со примери и дела, да ги воспитаме срцата на нашите деца, да внесеме жива, благотворна вера, активна љубов , христијански морал и граѓанско благородие„
Според Митрополитот Повардарски само на овој начин децата ќе бидат честити и благородни членови на општеството, верни и набожни синови и ќерки на мајката црква.
